Креативност или лудило?

Иако е тешко да се дефинира креативноста за научни цели, научниците сметаат дека една личност е креативна кога има нови пристапи, односно когнитивни процеси различни од постоечките начини на размислување и изразување. Шизофренијата и биполарното растројство се нарушувања на мислите и емоциите, што значи дека лицата покажуваат промени во когнитивните процеси и емоциите.

Веќе долго време се смета дека креативноста и психозата имаат одредени сличности, со значајни примери на уметници кои и самите страдале од психијатриски нарушувања, особено биполарно растројство, како на пр. Винсент Ван Гог. Но, досега не беше можно да се посочи дали тоа се должи на заедничките фактори на средината или на заедничките гени.

При ова истражување биле испитани гените на 86 292 поединци од Исланд, во соработка со истражувачите од „deCODE Genetics“. Креативните поединци биле дефинирани како оние кои припаѓаат на националните уметнички друштва на актери, танчери, музичари, визуелни уметници и писатели.

Научниците откриле дека креативните поединци имаат значително поголем ризик (25%) и за шизофренија и за биполарно растројство, со резултати кои се наоѓале приближно на половина пат од оние на општата популација и на оние со дијагностицирано нарушување. Овие резултати покажуваат дека генетските фактори директно влијаат на креативноста, а не заедничките услови на средината (која ја делат со поединци кои имаат шизофренија или биполарно растројство).

„Основните биолошки патишта кои водат до некое психијатриско нарушување се многу малку познати. Преку познавањето на тоа кои здрави однесувања, како креативноста, ја делат својата биологија со психијатриските нарушувања, се здобиваме со поголемо разбирање за мисловните процеси кои може да доведат до некое нарушување“, истакнуваат научниците.

„Нашите наоди укажуваат на тоа дека креативните луѓе може да имаат генетска предиспозиција кон поинакво размислување, кое пак, во комбинација со други штетни биолошки и еколошки фактори, може да доведе до ментална болест“.

Истражувањето е објавено во „Nature Neuroscience“.

Поддржете ја нашата работа: