За да ја разберете разликата помеѓу кристалите и квазикристалите замислете под со шестоаголни плочки. Секоја плочка уредно се вклопува со другите за да се покрие подот. Но, ако поставите петтоаголни плочки ќе има празнини меѓу плочките. Кај обичните кристали, атомите се распоредени блиску, во повторлив редослед, додека кај квазикристалите самата структура на атомите покажува дека не се кристали, но од друга страна тој распоред не е случаен, велат научниците.
Научниците сметале дека овие структури се премногу кревки и нестабилни за да се формираат преку природни процеси, се додека во 2009 година не го откриле кристалот со „забранетите симетрии“ кој бил пронајден пред илјадници години во Чукотка, Русија. Кристалот бил наречен „icosahedrite“, имал петтоаголна симетрија како на фудбалска топка и поттекнувал од вонземско тело формирано пред околу 4,57 милијарди години.
Новооткриениот кристал има структура која наликува на рамни дискови со 10 агли наредени во колона. Оваа структура не постои кај обичните кристали. „Кога велиме дека има 10 агли, тоа значи дека можеме да го ротираме за една десетина од патот во одреден правец и атомите се’ уште да го имаат истиот распоред како претходно“, објаснуваат научниците.
Вториот кристал се’ уште нема име. Откриен е кај истиот метеорит, но на различен дел. Составен е од алуминиум, никел и железо – три работи кои обично не се среќаваат заедно бидејќи алуминиумот лесно се поврзува со кислородот, со што се блокира врската со останатите две.
Повторното пронаоѓање на ваков квазикристал значи дека тие можат да се формираат природно и да останат стабилни долго време. Квазикристалите се тешки, имаат мало триење и не спроведуваат топлина многу добро, што ги прави совршени за заштитни обвивки на авионите и тавчињата за пржење.
Научниците знаат дека метеорот има големо влијание, дека температурата била 726-926 степени Целзиусови и дека притисокот бил сто илјади пати поголем од атмосферскиот, но тоа не е доволно за да ги дознаат деталите за тоа како се формирал овој минерал.
Тие ќе продолжат со истражувања за да откријат дали неговото формирање е ретка или честа појава, како се случува и дали би можела да се случи и во други соларни системи.
„Она што ќе го пронајдеме може да одговорни на основните прашања за материјалите кои се наоѓаат во нашиот универзум“, истакнуваат научниците. Наодите се објавени во „Scientific Reports“.