Многу научници сметаат дека нашите раце ги добиле своите пропорции и вештини во текот на милиони години еволуција. Но, едно истражување сугерира радикално поинаков заклучок: Некои делови од човечката рака се анатомски примитивни, всушност дури и попримитивни од оние на мајмуните, вклучувајќи го и шимпанзото. Овие наоди имаат значајни импликации за тоа како изгледал заедничкиот предок на луѓето и шимпанзата.
Луѓето и шимпанзата се оддалечиле од заедничкиот предок пред околу 7 милиони години и нашите раце сега изгледаат поинаку. Имаме релативно долг палец и кратки прсти со што лесно можеме да ги фаќаме и земаме предметите. За разлика од нас, шимпанзата имаат пократок палец, а подолги прсти кои се совршени за качување на дрвјата, но не и за прецизно фаќање и земање на предмети.
Со децении, доминантното гледиште меѓу истражувачите беше дека заедничкиот предок имал раце како на шимпанзата, а дека човековите се измениле поради притисокот од природната селекција да започне да изработува алатки. Но, од неодамна, некои истражувачи го преиспитуваат ова гледиште.
Се смета дека најстарите камени алатки датираат од пред 3,3 милиони години, но новите докази покажуваат дека некои од најстарите членови на човековата низа, како што е 4,4 милиони стариот „Ardipithecus ramidus“ имал раце кои повеќе наликуваат на човековите, отколку на оние на шимпанзата, иако не изработувал алатки. Покрај тоа, во 2010 година, тим на палео-антрополози тврдеа дека и други роднини на човекот кои датираат до пред 6 милиони години (многу брзо по еволутивното разделување на човекот и шимпанзата) имале раце кои наликуваат на човековите.
За да разберат како изгледале рацете на раниот човек, тимот истражувачи ги анализирал рацете на голем број на мајмуни, вклучувајќи го и современиот човек и ги споредувале со оние на неколку изумрени видови на мајмуни и предци на човекот, вклучувајќи го и неандерталецот, користејќи софистицирани методи за да го одредат текот на еволуцијата на раката.
Истражувачите откриле дека рацете на заедничкиот предок на шимпанзата и луѓето, а можеби и другите предци на мајмуните имале релативно подолг палец и пократки прсти, слични на човекот денес. (И горилата кои поголемиот дел од времето го поминуваат на земја имале слична форма). Така, човековите раце ги задржале овие попримитивни пропорции, додека шимпанзата, како и орангунтаните развиле подолги прсти а пократки палци за да се прилагодат на животот на дрвјата.
Истражувачите сметаат дека способноста за прецизно фаќање и земање на предметите е една од најраните адаптации на човекот, за подобро да собираат повеќе храна, а не за да изработуваат алатки. Тоа значи дека ако рацете ја задржале примитивната состојба, најважните промени кои довеле до изработката на алатки се „невролошки“, односно резултат на еволуцијата на мозокот.
Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.