Токсични наночестички се пронајдени во мозочното ткиво кај луѓето, а научниците се сомневаат дека овие честички се поврзани со зголемен ризик од Алцхајмер.
Познато е дека честичките се присутни во мозокот на луѓето, но, научниците претпоставуваа дека телото природно ги создава. Но, сега, едно мало истражување направено во Велика Британија покажува дека тие се директен резултат од загадениот воздух.
Истражувачите од Универзитетот Ланкастер направиле испитување на мозочното ткиво од 37 волонтери од Манчестер во Англија и од Мексико Сити, на возраст помеѓу 3 и 92 години. Кај сите било откриено присуство на еден вид железен оксид, наречен магнетит и тоа во големи количини.
За да откријат од каде доаѓаат овие честички, истражувачите го испитале фронталниот регион од мозокот кај шест волонтери и откриле два типа на магнетит – честички од магнетит со кружна форма и аглести кристали од магнетит. Честичките со кружна форма биле застапени 100 пати повеќе од аголните.
Кристалните форми најчесто се од природен извор – како што е железото од клетките во телото. Меѓутоа, округлите честички нормално се јавуваат при топење на железото на висока температура, што се случува кога согорува горивото во возилата – велат истражувачите.
Сепак, во врска со овие наоди мора да се напоменат неколку ограничувања. Прво, овие докази се посредни, а единствен начин да се докаже дека извор на овие честички е загадениот воздух е практично да се следи нивниот пат од атмосферата до мозочното ткиво. Но, истражувачите велат дека откриле и други метални честички, како честички од платина, кои многу ретко, природно може да се најдат во телото, но ги има во многу автомобилски мотори.
Второ големо ограничување во овој случај е малиот примерок на кој е извршено истражувањето, па иако овие честички се откриени кај 100 проценти од учесниците, многу е рано од ова да се извлече заклучок што ќе се однесува на целата популација.
Но, доколку истите резултати се добијат при поголемо истражување кај различни групи учесници, какви би биле импликациите?
„Магнетитите се многу токсични за мозокот. Тие можат да продуцираат слободни радикали кои се поврзани со стареењето и невролошките болести. Оксидативните оштетувања на клетките се едни од карактеристичните обележја на Алцхајмеровата болест, па затоа присуството на магнетитите е значајно, бидејќи се многу биореактивни “- вели Барбара Махер од Универзитетот во Манчестер. за „The Guardian’.
Едно ретходно истражување во кое е испитуван клеточниот раст во лабораториски услови покажало дака железниот оксид може да се најде во амилоидните наслаги кои се поврзани со развојот на Алцхајмер. Едно друго истражување направено оваа година, исто така го поврзува присуството на магнетитите со оштетувањата на мозокот кај пациентите со Алцхајмер.
Иако доказите за Алцхајмер допрва треба да се потврдат, она што е јасно досега е дека загадувањето на воздухот сериозно го загрозува нашето здравје.
Како што покажа едно истражување од 2015 година, загадувањето на воздухот е причина за прерана смрт на околу 3,3 милиони луѓе во светот, секоја година, а се очекува таа бројка двојно да се зголеми до 2050 година.
Истражувањето е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.