Мајчиното присуство не само што може да ја смири болката кај доенчињата, туку исто така може да влијае на раниот развој на мозокот преку промена на активноста на гените во еден дел од мозокот одговорен за емоции, според едно истражување од медицинскиот центар Лангон на Универзитетот во Њујорк.
Истражувањето било спроведено на стаорци и со внимателното анализирање на гените кои биле активни во мозокот на младите стаорци кога мајката е присутна или не е присутна, истражувачите забележале дека во моментот кога доенчињата-стаорци доживуваат болка, постои експресија на околу 100 гени доколку мајката е присутна.
Истражувањето е наменето за поддршка на претходните истражувања за долгорочните последици од разликите во негувањето на цицачите, вклучувајќи ги и луѓето. Мајчината утеха кон младенчето во болка, без оглед дали е адекватна или не, влијае на критичните нервни кола за време на почетниот развој на мозокот. Генетските анализи и модификации се насочени кон делот од амигдалата одговорен за емоции, како што се стравот и задоволството.
Саливан, професор на универзитетот, чии претходни истражувања покажале дека присуството на мајката ги контролира електричните сигнали во мозокот на доенчето, вели дека нејзините најнови наоди даваат увид во комплексноста на лекувањето на болката кај доенчињата.
„Никој не сака да види дека детето страда, кај стаорците или кај било кој друг вид”, вели Саливан. Но, бидејќи лековите против болка се премногу опасни за децата, поради зависничките својства, останува предизвик за научниците да најдат алтернативни средински стимули, вклучувајќи го мајчиното присуство, галење, или други знаци, како што е мирисот на мајката, кои би ја намалиле болката.
Саливан предупредува дека, сепак, долгорочните последици од овие генетски модификации, мора да се споредат со краткорочните бенефиции од врзувањето на мајката како моќен симбол на слобода и безбедност.
Колку повеќе учиме за негувањето на новороденчето и мозокот за време на детството, толку подобро сме подготвени за решавање на проблемите кои произлегуваат од болката, физичката и менталната злоупотреба доживеани во раното детство.