Мајка на годината кај животните

Ако постоеше награда за мајка на годината во животинскиот свет, една женка октопод која живее во длабоките води на Пацификот би била еден од главните претенденти.

Вообичаено, женките октоподи еднаш во текот на својот живот положуваат јајца, ги обложуваат со желатинозна маса и ги прицврстуваат за карпа. Во рок од четири до шест недели, колку што обично е потребно за од јајцата да се изведат ларви, женката ги чува јајцата и за тоа време воопшто не се храни. Заради тоа, најчесто после тој период таа умира.

Меѓутоа, научници од Калифорнија опишаа случај на неверојтно пожртвувана мајка-октопод која поминала цели 4 и пол години грижејќи се за своите јајца. За тоа време самата воопшто не се хранела.

Со помош на подморница на далечинско управување, на брегот на централна Калифорнија била следена женка – октопо  од видот наречен „Graneledone boreopacifica“. Овој вид на октоподи е обично со големина од околу 40 сантиметри, со светло виолетова боја на кожата.

Женката имала положено приближно 160 јајца, на длабочина од околу 1400 метри под морската површината. Истражувачите ја следеле женката (која се распознавала по една специфичната лузна) во рок од 53 месеци, од мај 2007 до септември 2011. Тие биле восхитени од силниот мајчински инстинкт и пожртвуваноста што мајката ги покажала кон своите јајца.

Во текот на тој период мајката воопшто не ги напуштила јајцата. Ги бранела од риби, ракови и други грабливци што ги напаѓале. Го чистела талог околу нив и ги проветрувала правејќи бранови на водата околу нив заради размена на кислород и воопшто не јадела. На неа било јасно видливо губењето на тежина и губток на бојата на кожата.

„За целото тоа време мајката се грижеше единствено за доброто на своите јајца”, изјави Брус Робисон, еден од истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: