„Мајкрософт“ тестира подводен центар за податоци

Големите центри за податоци, кои се потребни за секојдневното функционирање на интернетот, се состојат од безброј сервери кои генерираат огромно количество на топлина. Компаниите како „Гугл“ и „Фејсбук“ постојано се во потрага по најдобри и најевтини решенија за ладење на компјутерските системи, а „Мајкрософт“ е можеби на прагот откривање на најиновативното решение досега.

Проектот „Natick“ е експеримент кој треба да покаже дали центрите за податоци би можеле да работат ако се постават под вода. Иако ова можеби звучи како научна фантастика, „Мајкрософт“ многу сериозно ја разгледува можноста за подводни сервери уште од 2013 година.

Според „Мајкрософот“, со оглед на тоа дека 50 проценти од светската популација живее на оддалеченост до 200 км. од морскиот брег, подводните центри за податоци разместени во крајбрежието, би имале повеќе смисла од земските објекти, лоцирани многу подалеку. Колку сте поблиску до серверот за вашиот имејл, онлајн апликации или други услуги, толку побрзо ќе може да дојдете до податоците, што, како што вели „Мајкрософт“, во крајна линија ќе допринесе за поголем одзив од корисниците.

Покрај тоа, во иднина, теорески би било полесно да се разместат долгорочни, секако и привремени системи сместени во резервоари под притисок (како оној што може да се види на сликата), отколку копнените објекти што традиционално ги користат техничките компании.

Минатиот август, компанијата го поставила под вода својот експириментален прототип објект, наречен „Леона Филпот“ (според лик од видео играта Хало), на околу еден километар оддалеченост од пацифичкиот брег на САД, на длабочина од 9 метри.

Подводниот центар за податоци, сместен во запечатена челична капсула со дијаметар од 2,5 метри, бил во функција до ноември, а сега е вратен на земја и се анализира од страна на „Мајкрософт“.

Првично, истражувачите во „Мајкрософт“ биле загрижени дека хардверот нема да работи, како и дека можеби ќе протекува вода, но се покажало дека прототипот сосема добро функционира под вода. Иако овој експеримент траел само неколку месеци, предвидувањата на „Мајкрософт“ се дека нивните подводни центри би можеле да траат до 20 години, со тоа што хардверот би се менувал на 5 години.

Друга цел на „Мајкрософт“ е и зачувување на животната средина. Ладењето на „Леона Филпот“ било вршено со азот под притисок, но во иднина серверите би можеле да се ладат и со океанската вода.

Следниот чекор на истражувачите е изградба на нов центар за податоци три пати поголем од „Леона Филпот“, кој се очекува да биде тестиран идната година.  

Поддржете ја нашата работа: