Шимпанзата се познати како методички ловци, кои ја опкружуваат својата жртва пред да ја нападнат, а подоцна го делат пленот, но изгледа дека таквото однесување настанало под влијание на човекот кој ги набљудува, и кој поминал децении покрај овие примати со цел да ги проучи.
Научниците кои ги набљудувале шимпанзата во шумите на Уганда, забележале изразено различни начини на лов кај две одделни заедници. Додека едната група, наречена Сонсо, се фокусирала на исклучиво црно-бели мајмуни, шимпанзата Ваибира покажале еднаква склоност на лов на мали антилопи, како и на разни други мајмуни.
Научниците забележале дека овие мајмуни, и после ловот различно го делеле пленот. Во заедницата Ваибира, кој и да улови плен, без оглед на статусот, го добива најголемиот дел, но во групата Сонсо, алфа мажјакот ја контролира делбата, дури и ако лично не учествувал во ловот, додека останатите добиваат помали делови.
Она што е фасцинантно е тоа што научниците сметаат дека овие разлики можеби се последица од тоа што човекот се трудел да ги навикне мајмуните на своето присуство. Со цел да се проучат мајмуните во дивината, научниците поминувале долги години во нивно друштво трудејќи се да ја добијат нивната доверба, се додека животните веќе не ги сметале како закана, па почнале да се однесуваат природно. Научниците ја набљудуваат групата Сонсо веќе 27 години, додека Вабира само шест.
Откако научниците ги провериле собраните податоци од групата Сонсо, откриле некои необични случајности помеѓу начинот на лов на овие шимпанза во почетокот и како групата Вабира лови сега.
Кона научниците почнале да ја следат групата Сонсо, шимпанзата ловеле многу различен плен, а главни жртви им биле малите антилопи. После околу 14 години, почнале да се фокусираат исклучиво на еден вид на примати. Научниците сметаат дека толку години им биле потребни на мајмуните за повторно да го вратат своето природно однесување.
“Долгорочното истражување на дивите шимпанза е навистина корисно за зачувување на видовите, но не смееме да заборавиме дека нашето присуство може да влијае на нивното однесување”, вели Кетрин Хобејтер, лидерот на истражувањето.