Мајмуните можат да научат да се гледаат во огледало

Според новите наоди, мозокот на мајмуните го има основниот „хардвер“ за препознавање на себеси во огледало, но му е потребен соодветен тренинг за да го добие „софтверот“ за да се препознае, вели Ненг Гонг од Кинеската Академија на науките.

Во претходните истражувања, научниците им давале на мајмуните огледала во разни форми и големини и тие успевале да ги користат како алатки за да набљудуваат други предмети, но никогаш не покажале знак дека се препознаваат себеси, дури и откако научниците им ги обележале лицата.

Во ова ново истражување, Гонг и неговите колеги се обиделе со нешто сосема различно. Ги седнале мајмуните пред огледало и со ласер светеле на нивните лица. После 2 до 5 недели тренинг, мајмуните научиле да си го допрат местото осветлено со ласерот. 5 од 7-те тренирани мајмуни покажале типични знаци на препознавање. Тие го допирале осветленото место, а потоа си ги гледале и/или мирисале прстите, речиси како да мислеле „што е тоа на моето лице“? Исто така, го користеле огледалото за да испитаат други делови од своето тело кои нормално не можат да ги видат.

„Овие наоди можат да бидат корисни и претставуваат надежна вест за луѓето кои не можат да се препознаат себеси во огледало поради некое ментално пореметување, како на пр. ментална ретардација, аутизам, шизофренија или Алцхајамерова болест“, велат истражувачите.

Иако неможноста на пациентите да се препознаат себеси укажува на когнитивни/невролошки дефицити во механизмите на мозокот, овие наоди даваат можност тие дефицити да се поправат со соодветен тренинг. Дури и делумното повраќање на способноста за препознавање би било пожелно“, заклучуваат научниците.

 

Поддржете ја нашата работа: