Ви претставуваме една ракавица – преведувач на знаковен јазик, дизајнирана од Мартин Василковски од Скопје. Мартин има 23 години и од феврурари 2015-та година е дипломиран електро инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии, на смерот компјутерско – системско инженерство и автоматика.
Овој проект и труд започна како дипломски труд, кој по дипломирањето беше проширен и усовршен.
„Првичната идеја беше да биде обична паметна ракавица која ќе ги отчитува движењата на рака и ќе ги пренесува на компјутер, но бидејќи барав некоја практична примена, по извесно истражување на интернет дојдов до идејата да се оспособи да преведува знаковна азбука“, вели Мартин. „По долг период истражување, како и долг период обиди со разни материјали и концепти, дојдов до краен дизајн кој успеа“.
Она што е различно кај оваа ракавица, во споредба со веќе готовите, е пристапноста. Всушност, за разлика од сите вакви ракавици кои чинат над 200 долари, за изработка на оваа се потрошени околу 22 долари. Освен цената, трикот е во дизајнот на сензорите.
Принципот на кој се реализирани сензорите дозволува користење на одредени материјали, кои се нарекуваат проводен текстил, да се интегрираат во самата ракавица и да бидат скоро невидливи, за разлика од претходните кои мораат да бидат оклопени над ракавицата.
Интересно е тоа што освен оваа намена за преведување на знаковната азбука, ракавицата е способна и за управување со разни возила, како квадкоптер и RF кола. Исто така, направена е и игра, која во мал дел е виртуелна реалност, затоа што преку ракавицата играчот има контрола врз рака од ликот од играта со кој се управува.
Дизајн и реализација
Во однос на дизајнот и реализацијата, ракавицата користи 5 флекс сензори (рачно направени со користење на пиезорезистивен материјал – материјал кој менува отпор при нанесен стрес); жироскоп – уред кој го има во сите паметни телефони за мерење на наклон; акцелерометар – уред кој детектира движење во просторот; микроконтролер „Arduino“ – прототипен микроконтролер, „user – friendly“ околина за развој на секакви домашни проекти; и „Bluetooth“модул кој дозволува комуникација со секој „Bluetooth“оспособен уред во околината (во овој случај паметен телефон или компјутер).
Разликата помеѓу рачното правење на сензори и користењето на готови е во тоа што се потребни електрични кола дизајнирани за да го направат сензорот стабилен, како и многу кодирање на филтри. Алгоритмот за препознавање на буквите, развиен за оваа намена, исто така е дело на Мартин, и успешно препознава и преведува со огромна точност (>95%).
Целиот систем е безжичен и работи на батерија, што овозможува самостојна непрекината работа од околу 5 часа. Истата би била многу подолга доколку се направи самостојно коло/микроконтролер со оваа намена, без додатни потрошувачки на енергија.
Засега, проектот е завршен, но потребни се понатамошни финансии за истражувања и развивања за потенцијална комерцијализација, како и работење со целни групи за усовршување на препознавањето. Но, сето тоа е мал процент од целиот процес, со оглед на тоа дека веќе практично функиционира и е изработен за цена скоро 10 пати пониска од другите.
Моменталниот изглед можеби не е најпривлечен за окото, но сепак е само прототип и целта е да се тестираат нови сензори. Како што веќе споменавме, нивниот потенцијал е да бидат интегрирани во самата ракавица и наспроти моменталниот изглед, тие нема да се приметуваат.
За подетални информации, контактирајте не’ на Енаука.мк.
Енаука.мк е интернет портал кој ги следи најновите достигнувања и истражувања од светската наука, но пред сè ги поддржува македонските иновативни истражувања, идеи, производи, и сл. Се надеваме дека ова ќе го зголеми интересот за науката и технологијата во нашата земја и дека ќе поттикне конструктивни дебати, експерименти и иновативно размислување во сите сфери во општеството.