Со векови наназад древните цивилизации верувале во моќта на скапоцените камења. Култот кон нив се одржувал со илјадници години и постојано се пренесувал на поколенијата.
Племенските старешини и владетелите биле убедени дека моќта и опстанокот на империјата се во директна врска со постоењето на природните кристални форми пронајдени во пештерите или во речните корита.
Низ вековите верувањата се менувале, но традицијата продолжила до денес.
Кинезите со гордост зборуваат за минералот жад, кој е карактеристичен за нивното поднебје, а во Австралија гласно се промовира скапоцениот опал, кого го почитувале и древните Абориџини.
Со текот на вековите догмата се претворила во современа културна традиција, а скапоцените камења во незаменливо национално богатство.
Во Македонија, тоа е уникатниот рубин. Ова е сторија за него.
„Еден од најдобрите елементи за промоција на една земја е кога се нуди нешто што го нема во ниедна друга земја. Нешто што е од ендемичен карактер. Особено во светот на минералите, оти ако се работи за некаква сорта на растение, на овошен вид или на некој животински вид, тогаш, со текот на светската трговија, тој вид може да се пренесе и во други земји, ако е интересен, но, во однос на минералите, тие се нешто како маркер за една територија или за една земја“, вели Деан Шкартов, промотор на Македонскиот Рубин.
Државите кои можат да се гордеат со свои наоѓалишта на скапоцени камења се малку. На европскиот континент речиси и да не постои земја во која има регистрирано појава на природни скапоцени камења од повисок ранг.
Можно ли е Македонија да е единствено наоѓалиште на престижниот рубин во Европа? Прашање што со децении суптилно се провлекувало меѓу ентузијастите и познавачите на бесценети камења.
На таа тема, уште пред околу 100 – тина години истражувал германскиот геолог Ото Хајнрих Ернстмандорфер, кој непосредно по завршувањето на Првата светска војна издал неколку научни трудови во кои првпат се посочило дека во прилепскиот регион има регистрирано појава на минералот корунд.
„Корунд претставува кристална форма на алуминиум оксид. Во неа има и траги од железо, титаниум или хром кои му даваат различни бои. Црвениот корунд се нарекува рубин“, објаснува Мице Тркалески, геолог од рудникот „Сивец“.
Податокот на Ернстмандорфер останал забележан во германските архиви, но не поттикнал интерес за понатамошно истражување во Македонија.