(Продолжение од првиот дел)
Неколку децении подоцна, кога во Прилепско бил отворен за експлоатација рудникот за мермер, Сивец, работниците се соочиле со една за нив непријатна појава – материјал со неверојатна тврдина им ги уништувал пилите и дупчалките.
Се утврдило дека станува збор за компактни розови парчиња создадени во внатрешноста на мермерните блокови. Појавата не наишла на воодушевување, туку истата била дефинирана како маана во внатрешноста на мермерниот материјал.
И ден – денес, розовите парчиња завршуваат како шкарт во депозитите со отпад.
Минералот Корунд потекнува од метаморфните доломити, создадени во периодот прекамбриум, односно од почетокот на создавањето на планетава па сè до пред 600 милиони години.
Во 2000 година, прва научна институција што го докажала постоењето на корундот била една лабораторија во Велика Британија. Неколку години подоцна, во 2006 – та, истиот резултат го документираше и лабораторијата на Природонаучниот музеј од Лондон, анализирајќи примерок однесен од неколкумина ентузијасти од Република Македонија.
За да се определи составот на минералите треба да се одредат сите компоненти од кои се составени, како и нивните количински односи.
„Најчесто користени инструментални техники се таканаречените спектроскопски техники. Ги има многу меѓутоа ние користиме најчесто во нашата институција две, а тоа се инфрацрвената спектроскопија и раманската спектроскопија.
Секоја од овие техники, кога ќе биде употребена за да биде извршена идентификација на минералот дава карактеристичен резултат којшто е својствен само за даден тип на минерал и за ниту еден друг.
Така секој минерал на различна спектроскопска или структурна техника си дава својства само за себе. Така се добива недвосмислен резултат врз основа на кој можеме да потврдиме или да одречеме дали даден примерок е она кое што претпоставуваме или не“, вели проф. Д-р. Петре Макрески, ПМФ, УКИМ.
Така уште еднаш се докажало дека „црвениот камен“ е навистина минералот корунд. Набрзо се дал одговор и на прашањето дали, според меѓународната номенклатура, парчињата корунд од Македонија би можеле да се означат со престижниот назив – рубини.
„Постои една таканаречена Меѓународна асоцијација за дефинирање на боите кај минералите или International association for color of gemstones, која што всушност, имајќи ја предвид целата дебата која што се води околу именувањето на рубинот пресекла и рекла дека можно е и оние вариетети на корунд кои што имаат розова, дури и бледо розова боја да се нарекуваат рубини, така што тоа е она што во моментов е најактуелна дефиниција и градација на рубините во групата на корундите, во однос на бојата што ја поседуваат “, објаснува проф. Макрески.
Рубинот има тврдина 9 според таканаречената „Мосова“ скала и се наоѓа веднаш зад дијамантот, кој е на 10 – тата позиција.
Изработувачите на накит објаснуваат дека големата тврдина е една од поважните физички карактеристики што овозможува рубинот да се користи како материјал за изработка на накит.
Карактеристична особина на сите природни рубини е тоа што често пати имаат разни примеси и инклузии. Познавачите велат дека таквата карактеристика не би требало да се посочува како недостаток, туку како елемент што ја докажува автентичноста на скапоцениот камен.
Убавината е во несовршеноста, велат уметниците, дури и кај дијамантите, ако се биде внимателен, може да се забележи имперфекција, но тоа сепак ја покажува душата на природниот скапоцен камен.
Кога е веќе докажано дека го имаме, станува јасно дека Македонскиот Рубин би требало да се гледа како национално богатство на Република Македонија.
Лесно би можел да стане елитен македонски производ кој речиси и да нема конкуренција кога е во прашање македонското јувелирство.
Можеби некои сè уште имаат предрасуди околу неговиот квалитет и автентичноста, но Македонскиот Рубин веќе се наоѓа во колекцијата со накит на холивудските актерки Дерил Хана и Кетрин Денев, вграден е во крстот на Папата Бенедикт XVI и на Папата Франциск. Го има и Емирот од Катар, но и уште многу престижни имиња од културниот и општествениот живот.