Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев спроведува истражување на тема „Дентална морфологија на хумани трајни заби: екстерна и интерна анатомија на корени и коренски канални системи – експериментална студија“.
Главна цел на овoj научен проект е потребата за прецизно утврдување на надворешните и внатрешните морфолошки карактеристики на хумани заби од трајната дентиција.
– Реализацијата на поставените цели ќе се овозможи преку следниве посебни цели: да се определат надворешните анатомски карактеристики кај еднокорени и повеќекорени трајни заби (број на корени, број на апикални отвори, степен на девијација на корен) и да се утврдат внатрешните анатомски и морфолошки карактеристики кај еднокорени и повеќекорени трајни заби (број на коренски канали, акцесорни канали, класификација на коренски канали) – вели проф. д-р Цена Димова, раководител на проектот.
Почетокот на научниот проект беше во април 2014 година и се планира финализација до крајот на март 2017 година. Во истражувачкиот тим се вклучени проф. д-р Цена Димова – главен истражувач и раководител на проектот, потоа проф. д-р Милка Здравковска, проф. д-р Лидија Поповска и проф. д-р Дарко Бошњаковски. Во тимот се вклучени и тројца млади истражувачи: д-р Катерина Златановска, д-р Јулија Заркова и д-р Александар Серафимов.
Добиените резултати од испитувањата на предвидениот проект ќе им бидaт од корист во секојдневната практика на стоматолозите, специјалистите од сите области на стоматологијата (оралните и максилофацијалните хирурзи, протетичарите, специјалистите по дентална патологија, педодонтите), како и на младите научни истражувачи од различни стоматолошки области.
Изваден заб со неправилна форма
Извадени долни катници
Текстот е добиен во соработка на enauka.mk со универзитетот Гоце Делчев и нивниот интернет портал life.ugd.edu.mk за заедничка промоција на македонската наука.