Проксима Б, планетата што е најблиска егзопланета до Земјата, веројатно е постојано под удар на неверојатни блесоци од нејзината матична ѕвезда, на секои неколку месеци. Ова во голема мера ги намалува шансите за пронаоѓање на живот на нашиот сосед.
Ѕведите, вклучувајќи го и нашето Сонце, продуцираат вакви блесоци кога нивното магнетно поле се извртува, создавајќи експлозии од плазма кои предизвикуваат огромно зголемување на нивната светлина.
Истражувачите од Универзитетот Вестерн Вашингтон во Белингхам, ја истражувале матичната ѕвезда на оваа планета – црвеното џуџе Проксима Кентаур, со помош на канадскиот вселенски телескоп „MOST“ и откриле дека таа веројатно исфрла вакви блесоци речиси константно, на секои 20 минути.
Истражувачите се надеваат дека со помош на „MOST“ ќе успеат да ја детектираат Проксима Б кога поминува пред својата ѕвезда, односно транзицијата. Ова би помогнало да се утврди нејзината големина и да обезбеди увид за некаква атмосфера што ја опкружува планетата, што би претставувало индикатор за можен живот, но овие блесоци го попречуват откривањето на транзицијата.
Телескопот „MOST“ бил користен за набљудување на Проксима Кентаур 38 дена помеѓу 2014 и 2015 година. Во тој период, истражувачите детектирале 66 блесоци со различна големина. Дури и најмалите блесоци биле поголеми од тие што се гледаат од нашето Сонце.
Исто како и земјотресите, и овие блесоци се јавуваат случајно со поголема зачестеност на помалите блесоци. Доказите укажуваат дека Проксима Кентаур покажува масивни блесоци околу 10 пати поголеми од тие што досега се забележани од „MOST“, околу осум пати во годината. Ова во голема мерка ја редуцира можноста планетата да има атмосфера.
Сепак, ова не значи дека не постојат никакви шанси за на Проксима Б да се задржи атмосфера. Доколку атмосферата на почетокот била доволно густа, би можела да ги издржи бомбардирањата од блесоците и да ги заштити можните форми на живот под неа. Магнетното поле исто така би можело да обезбеди заштита, велат истражувачите.
Истражувачите нагласуваат дека комплетните анлизи на податоците од „MOST“ ќе ги имаат во текот на наредните неколку месеци, додека други тимови ќе работат на пронаоѓање на нови, со надеж дека ќе откријат повеќе пред да се пушти во употреба Европскиот екстремно голем телескоп во 2024 година.