Масивна коронарна дупка се формираше на Сонцето – Видео

Вселенското летало „Solar Dynamics Observatory“ на НАСА кое го набљудува Сонцето од 2010 година, забележа џиновска темна дупка на површината. Се работи за астрономскиот феномен наречен коронарна дупка кој одвреме навреме се појавува на короната (атмосферата) на Сонцето.

Според НАСА, овие дупки одбележуваат места со мала густина, каде што магнетното поле на Сонцето се отвора во меѓупланетарниот простор, дозволувајќи топол материјал од короната да излегува надвор. Поради ова, овие области имаат помалку топла плазма отколку нивното опкружување, па затоа изгледаат како темни дупки.

Коронарните дупки се извор на брз ветер од соларни честички кои може да траат со недели, па дури и месеци. Тие може да се појават насекаде на површината на Сонцето и може да зафатат дури ¼ од неговата површина. Оваа дупка зафаќа околу ⅙ од површината.

Иако нема потреба за загриженост, соларните ветрови кои се ослободуваат од ваквите дупки можат да формираат соларни бури, кои може да ги нарушат нашите сателитски и радио системи, известува „The Huffington Post“.

Снимките се направени на 16 јуни 2016 година.

Поддржете ја нашата работа: