Материјал што се противи на законите на физиката

При едно ново истражување откриено е  мистериозно однесување на материјал, кој при едни мерења се однесува како изолатор, додека истовремено при други мерења се однесува и како проводник. Во изолаторот, електроните се во голема мерка збиени на едно место, додека кај проводникот електроните слободно се движат.

Проводниците, како што се металите, ја спроведуваат електричната енергија, додека изолаторите, како стаклото или гумата, го спречуваат или го блокираат протокот на електроните. Но, со следење на патеката по која се движат електроните додека поминуваат низ материјалот, истражувачите откриле дека е возможно еден ист материјал да покажува двојни својства – во исто време да биде проводник и изолатор, иако при исклучително ниски температури ова е во  целосна спротивност со правилата што важат за металите. Иако не се знае што точно го предизвикува ова мистериозно однесување, една од можностите е постоење на трета  фаза , која не е ни изолатор, ни проводник.

Овие двојни својстава, на проводник и изолатор се забележани низ целата внатрешност на материјалот наречен самариум хексаборид (SmB6).

Постојат и други, неодамна откриени материјали кои се однесуваат истовремено како проводник и изолатор, но тие се структурирани како сендвич, така што само површината   се однесува различно од останатиот поголем дел. Меѓутоа, новото истражување покажува дека кај „SmB6“, целата маса се однесува истовремено и како проводник и како изолатор.

„Откривањето на ваквото двојно однесување на метал и  изолатор кај еден ист материјал, има потенцијал да ги прекрши децениски важечките правила што се однесуваат на основната поделба на проводници и изолатори“- вели д-р Сушитра Себастијан, водач на истражувањето, што беше објавено во списанието „Science“.

Поддржете ја нашата работа: