Иако помина една недела од смртта на Џон Глен, првиот американски астронаут во Земјината орбита, добро е да се потсетиме на ликот и делото на големиот американски национален херој, кој во февруари 1962 година управувајќи со капсулата „Friendship 7“, три пати ја обиколи Земјата.
Пред да стане астронаут, изгради завидна воена кариера во која стигна до чин полковник во американските марини, каде што се докажа како борбен пилот во текот на Втората светска војна, а потоа и како тест пилот соборувајќи брзински рекорд на надзвучен авион во летот од западниот до источниот брег на САД, во времетраење од 3 часа и 23 минути.
Како последен жив член од оригиналната астронаутска седмочлена екипа од програмата Меркур, во која е избран во април 1959 година, за време на историскиот лет на „Friendship 7“, а во склоп на Меркур-Атлас мисијата, Глен ја заобиколи Земјата три пати во период од 4 часа и 55 минути и потоа успешно се спушти на површината на Атлантскиот океан. Што е уште поважно, со овој лет на Глен, Американците конечно „излегоа од сенката“ на Советскиот Сојуз, во врска со свемирската трка. Со тоа, одлучено е дека Глен, како своевиден национален симбол, е премногу вреден за да НАСА го пушти повторно во вселената и тој работи во неа само како советник се до 1964-та година.
По неговото пензионирање од НАСА, се вклучи во политички живот, изборувајќи се за место во Сенатот во 1974 година, каде што отслужи 4 мандати како сенатор од Охајо. Покрај тоа, тој се кандидираше и за американски претседател, и изгуби од ривалот од рамките на демократската партија. По 1997 година, се повлече од политичката сцена, и се врати онаму од каде почна се – во вселената.
Во 1998 година на 77 годишна возраст, се придружи на екипажот на спејс шатлот „Discovery“, и поново одлета во вселената, со што стана најстариот човек во вселената до денес. За време на мисијата, во траење од 9 дена, 2 часа и 39 минути, Земјата ја обиколи 134 пати притоа обавувајќи 80 медицински и други експерименти.
На него, многу ќе се сеќаваат и по филмот „The Right Stuff“ од 1983 година, каде што маестрално го одглуми Ед Харис.