И Месечината има влијание на земјотресите?

Научниците долго време дебатираа дали движењата на Месечината и приливната сила што ја создава играат некаква улога во поттикнувањето на земјотреси и сега се чини дека конечно имаат одговор.

Едно ново истражување на истражувачите од Јапонија сугерира дека има поголема веројатност да се случи силен земјотрес кога има полна или млада Месечина – две фази на месечината кога плимата на Земјата е на највисоко ниво.

Научниците од Универзитетот во Токио анализирале три посебни сеизмички бази на податоци – глобални податоци, како и податоци за Калифорнија и Јапонија. Тие ги разгледувале силните земјотреси (со магнитуда од 5,5 или повисока) што се случиле во последните две децении и ја реконструирале големината, односно амплитудата на приливните сили во секоја точка од времето при што откриле дека најголемите земјотреси најчесто се случувале во близина на млада или полна Месечина.

Во овие две фази од месечниот циклус на Месечината, Сонцето, Месечината и Земјата се усогласени и гравитационата сила на Месечината врз Земјата е најинтензивна.

Тоа значи дека гравитационото влијание, односно гравитационата привлечна сила на раседите на Земјата е поголема од вообичаено што најверојатно влијае на земјотресите.

 

Некои од најсилните земјотреси во последниве 20 години – вклучувајќи ја Суматра, Индонезија во 2004 година (9,3 степени), Чиле во 2010 година (8,8 степени) и Јапонија во 2011 година (9,0) степени, се совпаѓаат со високи приливни сили.

Севкупно, 9 од 12-те најголеми земјотреси во проучуваниот период (со магнитуда од 8,2 па нагоре) се случиле околу млада или полна Месечина.

at_7e_figure_07_22

Интересно е тоа што научниците не пронашле јасна корелација помеѓу малите земјотреси и приливните сили, иако податоците сугерираат дека бројот на силните земјотреси (во споредба со малите) се зголемува како што се зголемуваат и приливните сили, односно плимата.

Сепак, експертите велат дека не треба да и придаваме големо значење на Месечината кога пробуваме да ги објасниме земјотресите, бидејќи досегашните истражувања покажуваат само некаква поврзаност, а не и докази за причинско- последични односи. Основната причина за земјотресите остануваат процесите што се случуваат длабоко во Земјината кора, со триењето на тектонските плочи. Плиливните сили можеби додаваат само 1% дополнителен притисок на тој тектонски процес, но понекогаш можеби токму тој 1% е доволен за малиот земјотрес да стане разурнувачки силен.

Истражувањето е објавено во „Nature Geoscience“.

Поддржете ја нашата работа: