Месечината настанала како резултат на насилен судир

Астрономите кои го истражуваат формирањето на Месечината откриле докази дека таа се формирала откако мала планета се судрила со Земјата, пред околу 4,5 милијарди години. Според истражувачите, овој судир бил толку насилен што „планетарниот ембрион“ што не удрил, наречен „Theia“, се споил и со Земјата и со Месечината.

Идејата дека Месечината се формирала како резултат на судир на друга планета со нашата Земја не е нова, но научниците во минатото предлагаа дека „Theia“ странично ја удрила Земјата, со што ја исфрлила Месечината во орбитата, а потоа си продолжила надвор во вселената. Сега, истражувачкиот тим од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, сугерира дека „Theia“ всушност никогаш не не’ напуштила.

Истражувачите анализирале седум камења од Месечината кои се донесени од мисиите Аполо, како и шест вулкански карпи од обвивката (мантијата) на Земјата. Тие ја разгледувале содржината на изотопи на кислород, бидејќи карпите од секое планетарно тело во Сончевиот систем си имаат сопствен сооднос на изотопи, што би можел да укаже на нивното потекло.

Доколку „Theia“ странично ја удрила Земјата, при што се создала Месечината, како што претходно се предвидуваше, камењата од Земјата и од Месечината би имале различен сооднос на изотопите на кислород. Но, тие биле идентични.

Овие резултати поддржуваат друга хипотеза предложена во 2012 година, според која „Theia“ и Земјата директно се судриле, и како резултат на тоа се споиле. Истражувачите сметаат дека поради тоа, таа е подеднакво дисперзирана меѓу Земјата и Месечината и има ист сооднос на изотопи во нивните камења.

Научниците се’ уште не знаат многу за „Theia“. Некои веруваат дека имала слична големина на Земјата, додека други сметаат дека била послична на Марс. Но, во секој случај, имаат докази дека таа растела, што значи дека доколку го преживеала судирот, денеска би била оформена планета.

Истражувањето е објавено во „Science“, и доколку се потврди ќе го смени нашето разбирање за формирањето и еволуцијата на Земјата.

Поддржете ја нашата работа: