Истражувањето е објавено во „ACS Applied Materials & Interfaces“.
Дејвид Х. Грасиас и неговите колеги нагласуваат дека за да можат роботите да изведуваат движења, потребно е да добијат напојување преку кабел. Но кабелот дополнително ја зголемува масата на роботот, со што се ограничува просторот до кој тие би можеле да стигнат. Со цел да се спречи ова ограничување, научниците почнаа да ги употребуваат хидрогеловите.
Овие меки материјали можат да го зголемат својот волумен под дејство на промени во температурата, киселоста или светлината, обезбедувајќи му на роботот енергија за извршување на задачите, без да биде приклучен на извор на енергија. Бидејќи хидрогеловите се премногу меки, научниците ги комбинирале со тврд биоразградлив полимер. На тој начин „микрорачињата“ ја добиле доволната цврстина, за да можат да се обвиткаат околу клетките и да ги отстранат.
Научниците во материјалот инкорпорирале магнетни нано-честички и со помош на магнетна сонда можат да го следат движењето на овие мали „рачиња“, откако тие ќе се внесат во телото.
Научниците констатираат дека овие дополнителни својства ќе им овозможат на хирурзите далечински да ги усмерат малите роботи до местото каде треба да се земе материјал за биопсија. Исто така, научниците истакнуваат дека употребата на меките материјали отвора можност за создавање на минијатурни хирушки алатки кои ќе може безбедно да се расчленат откако ќе се внесат во телото.