Генерално мачките имаат аверзија кон вода, но во џунглите на југоисточна Азија постојат мачки кои морале да се прилагодат на подруг начин на живот.
Најекстремен пример за ова претставува мачката риболовец, која своите шепи ги користи како мамец за ловење на риби.
Овие мачки се способни да пливаат на големи растојанија, дури и под вода. Тие ловат риби така што со шепата нежно ја допираат површината на водата имитирајќи ги на тој начин брановите што ги прават инсектите кога ќе ја допрат водата. Откако со ова ќе ја намами рибата, ја удира и ја закачува на шепата.
За жал овие мачки сѐ помалку ги има. Еден посебен подвид – Јаванската мачка риболовец, можеби претставува најретка мачка на светот, а истражувачите стравуваат дека е можно веќе да исчезнала, известува „New Scientist“.
Во 2008 година, Меѓународната унија за заштита на природата ги означи мачките риболовци како загрозени видови, нагласувајќи дека подвидот Јаванска мачка риболовец може да се квалификува како критично загрозен, што претставува чекор до исчезнување.
Последен пат оваа мачка била забележана и регистрирана од истражувачите во почетокот на 1990-тите. Оттогаш има тврдења од луѓе дека ја виделе, но можно е всушност во овие случаи да се работело за многу почестата леопард мачка, која има исто живеаиште и слично крзно.
Антонио Џордано, конзервациски биолог и експерт за ретки мачки е водач на експедицијата која ќе бара докази дека ова прекрасно суштество сѐ уште не е исчезнато.
„Трагите што ги оставаат мачките риболовци се прилично карактеристични и тешко може да се помешаат со други траги, особено на островот Јава. Трагите од шепите на овие мачки се многу инетересни, бидејќи за разлика од другите мачки, можат да се видат отисоци од канџите – објаснува Џордано.
Најголема закана за мачките риболовци насекаде во светот, а особено на островот Јава, претставува губитокот на нивното природно живеалиште, како последица на уништувањата од страна на човекот. Останати се само околу 12 проценти од оригиналните мангрови, што претставува смртна закана за мачките риболовци, вели Џордано.
Мачките риболовци се со слична големина како домашнте мачки, со цврста градба и имаат шари слични како леопардот. Тие живеат во влажните средини во јужна и југоисточна Азија и преку ден се кријат во густата вегетација, додека ноќе ловат.
Јава е нивното најјужно живеалишта, место што Џордано го нарекува „осамен бастион“ за мачките риболовци.
Тој се надева дека овој подвид мачки сѐ уште не е исчезнат и дека ќе успее да ги пронајде во текот на оваа експедиција.