Со помош на предностите што ги нудат новите техники за анализа, научниците повторно ја анализирале содржината на зелените и портокалови стаклени зрна откриени во примероците од почвата од Месечината, донесени од мисиите Аполо 15 и Аполо 17, на почетокот на 1970-тите години.
„Се смета дека месечевите вулкански стакленца се производ на ерупциите на огнени фонтани, каде што млаз од базалитна лава се исфрла низ отворот, прскајќи капки од лава, кои брзо се ладат и формираат стакло“- вели Бруно Скаје од Универзитетот Орлеанс во Франција, во написот за списнието „Nature Geoscience“.
Овој процес е сличен како кога ќе се протресе лименка со газиран сок и потоа ќе се отвори капачето.
На Земјата, огнените фонтани обично се поттикнати од јаглероден диоксид или вода.
Новите анализи на примероците од Месечината покажале дека концентрацијата на јаглерод и вода се намалува кон центарот на зрната, што индицира на дегасификација. Натамошните истражувања преку компјутерски модели покажале дека огнените фонтани најверојатно се „хранат“ со јаглероден моноксид.
„Постоеја дебати дека може да се работи за јаглерод моноксид, но немаше докази“, вели научникот Аберто Саал од Универзитетот Браун за „Discovery News“. „Друга опција е водороден гас, но не постојат геолошки докази за течност богата со водород“, додава тој.
Истражувачите исто така истакнуваат дека концентрациите на јаглерод во стопените материи од Месечината се во основа исти како тие што се наоѓаат во базалитите на Земјата, што еруптираат од средишните океански гребени.
Саал и неговите колеги претходно имаа покажано дека Земјата и Месечината имаат слични концентрации на вода и други испарувања, како и сличен сооднос на водородни изотопи.
Овие истражувања имаат импликации врз тековните напори да се одреди како се формирала Месечината. Главната теорија е дека Земјата била погодена од објект со големина на Марс во нејзината најрана историја, а со време остатоците се стопиле заедно, за да ја формираат Месечината. Но прашањето како постоечката количина од испарувањата можела да го преживее ударот сѐ уште не е решено.
„Доказите околу испарувањата сугерираат дека или дел од испарувањата од Земјата што го преживеале тој удар биле вклучени во зголемувњето на Месечината, или испарувањата биле донесени и на Земјата и на Месечината во исто време, од еден заеднички извор – можеби преку бомбардирањата од првобитните метеори“, вели Саал.