Младите ја избираат марихуаната пред цигарите и алкохолот

Кај младите луѓе коишто одлучуваат да консумираат марихуана наместо да пијат алкохол или да пушат цигари е поголема веројатноста да имаат потешкотии поврзани со зависноста од канабис подоцна во животот.

Сè повеќе млади луѓе ширум светот ја претпочитаат марихуаната како прв избор наместо цигарите и алкохолот. Според наодите од новото истражување „When Marijuana Is Used before Cigarettes or Alcohol: Demographic Predictors and Associations with Heavy Use, Cannabis Use Disorder, and Other Drug-related Outcomes“, овој избор е особено карактеристичен за младите мажи од специфични расни и етнички групи во САД.

Истражувањето беше спроведено од Брајан Феирман од Националниот институт за детско здравје и човечки развој во САД и крајните заклучоци беа претставени во дневникот „Prevention Science“.

Феирман вели дека кај младите луѓе коишто одлучуваат да консумираат марихуана наместо да пијат алкохол или да пушат цигари е поголема веројатноста да станат тешки корисници и да имаат потешкотии поврзани со зависноста од канабис подоцна во животот.

Истражувањето открива дека процентот на млади на возраст од 12 до 21 година кои започнале да користат марихуана пред други супстанции значително се зголемил во текот на изминатата деценија.

Истражувачкиот тим ги анализирал национално-репрезентативните податоци кои се достапни како дел од „US National Survey on Drug Use and Health“. Податоците коишто биле собрани помеѓу 2004 и 2014 година се засноваат на информации за повеќе од 275.500 лица на возраст од 12 до 21 година.

Испитаниците биле прашани за личната употреба на марихуана, цигари, алкохол и други форми на тутун или илегални дроги. Потоа оние коишто ги користеле овие супстанции обезбедиле дополнителни информации за тоа кои најпрво започнале да ги користат и на која возраст.

Истражувачите откриле дека 8 отсто од испитаниците во 2014 година пријавиле дека марихуаната била првата дрога што некогаш ја користеле. Овој процент речиси двојно се зголемил, бидејќи во 2004 година изнесувал 4,8 отсто. Според Феирман, ова би можело да биде поврзано со истовремениот пад кај оние лица коишто најпрво започнувале да пушат цигари, процент којшто се намалил од околу 21 отсто во 2004 година на 9 отсто во 2014 година.

Феирман и неговите колеги понатаму откриле дека поголемиот дел од лицата кои најпрво користеле марихуана, наместо алкохол или цигари, било поверојатно да бидат мажи со темен тен, американски индијанци или хиспано. Истражувачите утврдиле дека младите кои прво користеле марихуана наместо цигари или алкохол имале поголема веројатност да станат потешки корисници.

„Меѓудругото забележавме значително зголемување на процентот на млади коишто апстинираат од употребата на супстанции во целост – од 36 на 46 отсто. Нашите наоди потенцираат важни цели за интервенција во јавното здравство и спречување на употребата на марихуана, особено кај лицата коишто имаат помала веројатност воопшто да дојдат до пристап за третман или да го завршат истиот со позитивни резултати“, вели Феирман кој верува дека стратегиите за превенција од дрога може да се подобрат преку развивањето на различен пристап кон различни групи на луѓе, врз основа на индивидуалниот ризик за прво започнување со консумација на тутун, алкохол или марихуана.

„Заради степенот до кој овие трендови продолжуваат и поголемиот број на млади луѓе коишто одлучуваат марихуаната да биде нивниот прв избор, можно е зголемувањето на потребата од јавни интервенции и услуги за третмани за проблемите поврзани со оваа дрога“, заклучува Феирман.

Извор: PharmaNews

Поддржете ја нашата работа: