Реакцијата Мајлард претставува хемиска реакција помеѓу аминокиселините и шеќерите што ја дава кафеавата пребоеност на храната како кај тостот или печеното месо. Кога белковините и шеќерите ќе се помешаат заедно и ќе се загреат, се создаваат нови хемиски соединенија. Некои го даваат вкусот, додека други пак нѐ штитат од кардиоваскуларни заболувања. Ова се наодите од истражувањето направено од Националниот Универзитет во Јужна Кореја, што е објавено во „Journal of Dairy Science®“.
Истражувачите утврдиле дека хранливите продукти што се создаваат во млечните производи го намалуваат нивото на вкупните масти, ЛДЛ холестеролот и триглицеридите кај глувци. Овие продукти штитат и од пулмонална тромбоемболија исто како и аспиринот, но без опасност од крварења, што често се забележуват при терапијата со аспирин.
Истражувачите загреле концентрат од сурутка и натриум казеинат заедно со лактоза, за да предизвикаат Мајлард реакција на протеините од сурутката. Потоа додале лактобацил, за да се создадат ферментирани продукти. Натриум казеинатот, исто така бил подложен на реакцијата Мајлард, а потоа ферментирал. За да го одредат нивниот антитромбоцитен ефект, истражувачите направиле испитување на 60 глувци, поделени во четири групи од по 15. Првата група добила солен раствор (негативна контрола), втората добила аспирин (позитивна контрола), третата група добила продукти од Мајлард реакцијата од сурутка, и четвртата група добила ферментирани продукти, како додаток во нивната исхрана. Проценката на антиоксидативните ефекти и редукцијата на холестеролот била вршена на друга група од 60 глувци, кои биле хранети со или без ферментирани продукти.
Ова е првата студија што го потврдува влијнието на овие продукти врз кардиоваскуларното здравје, покажана на животински модели. Наодите покажуваат дека белковините од млекото што се наоѓаат во природно ферментираните продукти, го подобруваат кардиоваскуларното здравје. Овие продукти може да најдат примена како потенцијални антиоскиданти и состојки кои штитат од кардиоваскуларни заболувања, како додатоци во исхраната и разни фармацевтски производи – велат истражувачите.