Моќта на умот – клучна за силата на мускулите

По подолг период на имобилизација, обновувањето на мускулната сила може да биде тешко. Сега, истражувачите од мускуло-скелетниот и невролошкиот институт во Охајо, на Универзитетот во Охајо, откриле дека умот игра клучна улога за одржувањето на мускулната сила и дека менталните слики може да бидат клучни за намалувањето на мускулната загуба.

Силата е контролирана од многу фактори, од кои најпроучувани се скелетните мускули. Меѓутоа и нервниот систем, иако не целосно проучен, е исто така важен за силата и слабоста.

Научниците спровеле експеримент на 3 групи од здрави возрасни лица, за да утврдат каква улога има кортексот на мозокот при развојот на силата. Во првата група, 29 лица носеле гипс на раката, од лакотот до прстите, со што раката и зглобовите им биле имобилизирани во период од 4 недели. Половина од првата група, односно 14 лица редовно правеле вежби со умот, односно замислувале дека 5 секунди интензивно го контрахираат зглобот и потоа 5 секунди го одмараат. Научниците вербално ги воделе низ вежбата, која ја повторувале 4 пати по ред, со едноминутна пауза, вкупно 13 рунди по сесија, а вкупно имале 5 сесии неделно. Втората група (останатите 15 лица) не правела никакви вежби со умот. А третата група (15 лица) не носела гипс и служела како контролна група.

На крајот на 4 неделниот експеримент, двете групи што носеле гипс значително ја изгубиле силата во нивните имобилизирани зглобови во споредба со контролната група, меѓутоа групата која ги правела вежбите загубила 50% помалку. Исто така, способноста на нервниот систем да ги активира мускулите (наречена доброволно или волево активирање) побрзо се повратила кај групата со вежбите.

Овие откритија укажуваат на тоа дека невролошките механизми, најверојатно на ниво на кортексот, значително придонесуваат за мускулната сила. Оваа ментална вежба може да се користи како терапевтска интервенција при мускулна слабост и волево активирање на нервите.

Истражувањето е објавено во „Journal of Neurophysiology“.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt