Морските ѕвезди имаат супер моќи

На универзитетот во Јужна Данска, на студентите Фредерик Екхолм Гардштед Кристенсен и Трини Ботос Олсен им била дадена задача да означат неколку морски ѕвезди.  Задачата била едноставна: требало да вметнат микрочипови во морските ѕвезди (Asterias rubens), како оние што ветеринарите ги имплантираат во домашните миленичиња, како на пример кучињата. Ова би им овозможило на научниците многу лесно да ги идентификуваат поединечните морски ѕвезди подоцна.

Студентите ги вметнале чиповите како што им било кажано, но после неколку дена, тие се појавиле на дното на садот. Некако, морските ѕвезди успеале да ги отстранат од своето тело.

Студентите биле очевидци на овој настан – како магичен трик, кога во еден момент раката на магионичарот е празна, а во следниот во рацете држи птица. Морската ѕвезда ги ифрлила чиповите од краевите на своите краци, директно преку кожата.

За да дознаат повеќе, студентите и професорот Даниел Левитис започнале неколку експерименти. Најпрво, вметнале чипови во 53 морски ѕвезди и потоа ги скенирале секој ден за да видат колку од нив се се’ уште таму. За помалку од 3 недели, немало ниту еден чип.

Потоа тимот се обидел со вметнување на мали магнети, наместо микрочипови. Откако магнетите биле на своето место, Трини прикачила соодветен магнет на влакно од својата коса, создавајќи еден вид на нишалка. Со движење на оваа нишалка над морската ѕвезда научниците забележувале каде магнетите се привлекувале меѓусебно и на тој начин ја одредувале положбата на магнетот во телото на животното. (Навидум, на морските ѕвезди повеќе им пречеле магнетите отколку првичните чипови и затоа ги отфрлале многу побрзо).

Така, следејќи го движењето на овие магнети, научниците откриле дека иако тие секогаш излегувале од краците, најпрво се движеле низ телото на морската ѕвезда се додека случајно не завршеле на крајот на краците.

На крајот на експериментите, некои морски ѕвезди биле скенирани со ултразвук. Така, истражувачите виделе дека предметите се движеле во секундарната телесна празнина која продолжува до краците.

„Целиот процес наликува на оној кога вадиме трнче од нашиот прст, но е многу повеќе импресивен“, вели Даниел Левитис. „Нашите мускули вршат притисок на трнчето и тоа излегува од истото место од каде што влегло. А морските ѕвезди го движат предметот, кој е прилично поголем, низ целото тело пред да го исфрлат“.

Многу прашања остануваат неодговорени. На пример, колкави предмети може да исфрли? Како го контролира нивното движење? Зошто ги исфрла баш преку краците? Зошто воопшто ја имаат оваа способност? Затоа научниците планираат да продолжат со истражувања. Сметаат дека оваа способност е дел од процесот на регенерација.

Поддржете ја нашата работа: