Може ли да се измери среќата?

Често мислиме дека ако имаме повеќе пари или пак подобра работа, ако се заљубиме, ќе бидеме среќни, потценувајќи го фактот колку многу контрола имаме врз нашата сопствена среќа.

Долготрајната среќа произлегува од извесни верувања или личносни смисли. Се доживува кога сопственото живеење е позитивно осмислено, кога се верува во важноста или оправданоста на сопственото живеење.

Психолозите се трудат да го дадат одговорот на прашањето: Дали постојат индивидуи кои се константно посреќни, во однос на други кои се среќни само во одредени ситуации?

Постојат повеќе варијабли кои се позитивно поврзани со среќата, како на пример повисокото себепочитување, екстраверзијата, оптимизмот, физичката активност, состојбата на понесеност (flow), внатрешниот локус на контрола, задоволството од работата, бракот и семејството, како и врските со значајните други.

Парите и интелигенцијата не се покажале како фактори на среќата. Во однос на полот, жените се со поголема веројатност да бидат депресивни, но во просек се подеднакво среќни како и мажите (Argyle, 1987).

Постојат многубројни истражувања кои покажале различен степен на среќа во различни држави. Тоа се должи на економската и политичка состојба и стабилност на државата, како и културата која е значаен фактор кој влијае врз тоа како луѓето ја перцепираат среќата. Данска се смета за најсреќната држава во светот со коефициент 7,639 за 2010-2012 година (Македонија има 4, 574 коефициент). Поновите истражувања покажуваат дека Данска не е повеќе најсреќната држава во светот, нејзиното место го завзема Панама (Standish, Witters, 2014).

Постојат многубројни дискусии за тоа дали среќата може да се измери објективно, со оглед на фактот дека таа е субјективно доживување, а инструментите за мерење се со себеизвестување.

Освен тоа, тука е и фактот дека луѓето мислат дека се посреќни од тоа што всушност се, тенденција која се објаснува со тоа што се перцепираме како посреќни во однос на другите за да го заштитиме „селфот“.

Арџајл (Argyle, 2001) ја разгледува среќата во својата книга “The how of happiness” во која истражува кои одговори ни ги нуди науката за среќата, со сеопфатни прегледи на достапните истражувања. Тој објаснува дека субјективната добросостојба е мерка за среќата, добиена така што се прашувани учесниците во истражувањето како се чувствуваат во врска со нивниот личен живот. 

Поддржете ја нашата работа: