И покрај сите интергалактички патувања што може да се видат во научната фантастика, како и повремените извонредни истражувачки достигнувања, поголемиот дел од нас го прифатиле фактот дека кога се работи за патувањето, човештвото секогаш ќе биде лимитирано од брзината на светлината. Се разбира, сѐ уште не можеме да достигнеме брзина ни блиску до брзината на светлината, но дури и да можеме, Ајнштајновата теорија на релативитет јасно покажува дека ништо не може да ја надмине.
Меѓутоа, астрофизичарот Герент Луис од Универзитетот во Сиднеј неодамна одржа предавање, според кое – барем теоретски, патувањето со супер –варп брзина е возможно според Ајншајновата теорија на релативитет, само е потребно да се најдат вистинските материјали за тоа да се постигне.
Според Луис, за да се постигне варп брзина, не е потребно да ги усовршиме нашите ракети. Наместо тоа потребно е да пронајдеме материјал што има „негативна густина на енергијата“.
„Тоа не е материјал што практично го имаме во раце, но постојат знаци дека има аспекти во универзумот кои поседуваат такви својства. Самиот празен простор има негативна густина на енергијата. Главното прашање е, ако можеме да го извлечеме и да го обликуваме, во основа би имале варп пренос тогаш и таму, но ние едноставно не знаеме дали е тоа возможно“- објаснува Луис.
Ова е нешто што го истражува и лабораторијата Иглворкс на НАСА. Предводена од машинскиот инжинер Харолд „Сони“ Вајт, минатата година лабораторијата изработила макети како потенцијално би можело да изгледа вселенско –варп летало. Како што може да се види на сликата подолу, леталото виси помеѓу два огромни круга, што теоретски би требало да создаваат закривен меур што го витка просторот околу леталото.
Тоа е истото што го предлага и Луис и значи дека бродот всушност никогаш не би патувал побрзо од брзина на светлината – едноставно би го превиткувал просторот за да ја намали оддалеченоста, со што не би се прекршил ниеден од законите на Ајнштајн.
Но, како да почнеме да разбираме како да го свиткаме просторот? Тимот на Вајт сега има поставено интерферометриска основа, каде ќе тестираат различни механизми, да испробаат, да генерираат и да детектираат микроскопски појави на закривени меури, со помош на уред кој се нарекува Вајт-Џудејов интерферометар. Засега се’ уште нема резултати, но од некаде мора да се започне.
Се разбира, во сето ова има многу „ако“ и Вајт признава дека засега варп брзината не е возможна. Но тоа не значи дека така мора и да остане.
„Треба само да погледнеме во работата на Њутн од пред 400 години, па дури и на луѓето кои работеа на квантната физика пред 100 години. Денеска сето тоа е реалност, а во суштина започнало како замисла. Теоријата на Ајнштајн е стара веќе 100 години, но ние сме почнале да ја откриваме само површината. Сметам дека во следните 100 или 1 000 години, ќе откриеме многу повеќе за Универзумот и можеби овие хипер-брзи патувања ќе бидат остварливи.
Едно е сигурно, ако некогаш пронајдеме материјал со негативна густина на енергијата и ако откриеме како со тоа да манипулираме, тоа радикално ќе го промени патувањето во вселената. Според проценките, хипотетичкото варп летало на Вајт би можело да стигне до најблискиот ѕвезден систем Алфа-Кентаур „за две недели мерено со часовниците на Земјата“. А тоа ни е потребно, ако сакаме сериозно да ја истражуваме вселената.
„Дури и да патуваме со брзината на светлината, би биле потребни четири години за да стигнеме до најблиската ѕвезда и 2 милиони години до најблиската голема галаксија. Овие далечини би нѐ спречиле да ја колонизираме вселената и затоа е потребно да најдеме начин да ја надминеме брзината на светлината, а Ајнштајновата теорија на релативитет тоа ни го дава“- вели Луис.