Секој голем историски настан, речиси неизбежно го следат и теории на заговор, кои обично се состојат од потполно различни објаснувања за настанот, што подоцна поттикнуваат бројни контроверзи и дебати околу валидноста на оригиналната приказна. Низ историјата постојат бројни теории на заговор, но едни од најпопуларните настани, чија автентичност е сѐ уште оспорувана од многу поединци, заедници, па и држави се слетувањата на Аполо (т.е. дали слетувањето на Месечината било вистински или е лага).
Според тврдењата на овие теории, некои елементи, па дури и целата Аполо програма е измама.
За да се тестира автентичноста на настанот, или со други зборови да се тестира дали Аполо навистина слетал, многумина сугерираат да се бараат знаци за слетувањето на Месечината со помош на моќните телескопи.
Но, дали ова би функционирало, или едноставно речено, дали високо софистицираните телескопи (да речеме телескопот Хабл) би можеле да видат знаци или артефакти од Аполо мисиите на месечината, со што би се потврдило дека тие слетувања навистина се случиле?
Краткиот одговор би бил: Теоретски да, но пректично не. За да може да ги види знаците од слетување, телескопот би требало да биде неверојатно моќен, а дури и најмоќните телескопи што постојат денеска, ни приближно не се толку моќни за да направат јасна слика од тие знаци.
Визуелни знаци од слетувањата на Аполо на Месечината
Ако се погледнат податоците за Аполо мисиите на Википедија (линк на Википедија за Аполо 16), или подеталните информации од извештаите на официјалната веб страница на НАСА (линк до извештајот за Аполо 16), може да се види дека овие слетувања оставиле неколку траги на површината на Месечината. Тука спаѓаат малите ударни кратери и човечки стапалки, како и многубројни артефакти, меѓу кои и американското знаме и базата од лунарните модули и роверите.
Некои од овие знаци, како стапалките, очигледно се премногу мали за да може да се видат од телескоп поставен на Земјата, но останатите (како американското знаме и роверите ) се значително поголеми, па затоа и шансите да бидат видени се поголеми. Сепак, во прашање не е големината на овие докази.
Резолуциона моќ
Кога стоите поблиску до некое лице, можете без проблем јасно да го видите, но ако го гледате од растојание од еден километар, тоа нема да изгледа исто. А, пак ако се наоѓа на растојание од 10 или 100 километри нема да можете да кажете дали лицето воопшто е таму.
Истото важи и кога се работи за телескопите. Колку се помоќни, толку полесно можат да диференцираат и да продуцираат слики од два предмети што се на одредено растојание, или со технички речник, „телескопот би требало да има висока резолуциона моќ“.
Дали ќе може да се види некој предмет во вселената со телескоп, најмногу зависи од неговата резолуционата моќ, што пак зависи од големината на леќите/огледалата што ги користи.
Во оптиката постои едноставна формула со која се одредува резолуцијата на било кој телескоп;
, кадешто:
R = Резолуција (во радијани)
W = Дијаметар на леќите
D = Бранова должина на светлината
Резолуционата моќ на телескопот Хабл
Да претпоставиме дека потрагата по визуелни докази за слетувањата на Аполо на Месечината би се вршела со Хабл. Тој е со дијаметар од 2,4 метри. Брановата должина на видливиот спектар се движи помеѓу 400-700 нанометри, но за полесно пресметување да земеме вредност од 600 нанометри. Ако се земенат овие вредности во горната формула, излегува дека резолуцијата на Хабл изнесува 2,5 e-7радијани. Според пресметките, најмалиот предмет што би можел да го види Хабл, би требало да има најмалку 96 метри.
Американското знаме е со должина од 1,2 метри и за да може да се види од Земјата, потребен е телескоп со дијаметар од 200 метри. Значи, телескопот Хабл, со своите 2,4 м. не е од никаква корист ако сакаме да го видиме американското знаме. За да се видат поголемите предмети – на пример роверот кој е со должина од 3,1 метри, потребен е телескоп со дијаметар од 75 метри, а за базата на лунарниот модул, заедно со опремата (чија големина изнесува 9,5 метри во пречник), потребен е телескоп со дијаметар од скоро 25 метри, за да може едвај да се претстави во еден пиксел.
Значи, користењето на Хабл во потрагата по знаци од слетувањата на Аполо не доаѓа предвид, но дури и со најголемиот рефлекторски телескоп овде на Земјата – Големиот Канарски телескоп (кој има ефективен пречник од 10,4 метри) не би можело да се откријат знаците од слетувањата на Месечината.
Многу научници и астрономи од целиот свет се спротивставија на теориите дека „слетувањата на Месечината се измама“, така што постојат доволни логични аргументи со кои се поткрепува веродостојноста на овие слетувања.
Покрај тоа, Лунарниот реконесанс орбитер (Lunar Reconnaissance Orbiter) на НАСА – роботското летало што моментално орбитира околу Месечината, веќе има направено многу слики од местата на слетување. Исто така, постојат и бројни докази, надвор од НАСА, кои ја подржуваат автентичноста на слетувањата, што значи дека слетувањата на Аполо биле вистинити.
И како заклучок: теоретки, возможно е да се забележат визуелни знаци од слетувањата на Месечината преку телескоп, но со технологијата со која денес располагаме, тоа што ќе може да се види на површината на Месечината се само еден куп точки.