Верувале или не, мрзеливоста, односно поконкретно физичката неактивност, може да биде знак за интелигенција.
Тим на истражувачи од Универзитетот во Флорида спровеле истражување на група од 60 студенти, при што со помош на тест на интернет ги поделиле оние кои размислуваат повеќе (со помош на изјави од типот „Уживам во задачи кои бараат смислување на нови решенија“ или „Размислувам само кога морам“ ) и го одредиле нивото на нивната физичка активност.
Резултатите покажале дека од понеделник до петок лицата кои размислувале повеќе биле многу помалку физички активни од останатите. За време на викендот немало разлика помеѓу групите.
Истражувачите теоретизираат дека тоа е така бидејќи на оние лица кои не сакаат многу да размислуваат им се здосадува да седат на едно место со апстрактни мисли во главата, поради што почнуваат со некаков вид на физички активности, додека оние лица кои сакаат да размислуваат почесто се вклучуваат во тешки или предизвикувачки мисли и трошат повеќе време откривајќи ги идеите во нивните умови и смислувајќи решенија на проблемите.
Претходни истражувања покажале дека интровертите претпочитаат да се сами бидејќи на тој начин имаат повеќе време за да размислуваат. Оние кои имаат повисока интелигенција си бараат време и самотија за да ја искористат. Честата социјална интеракција ги одвлекува од нивната способност да си го истражуваат умот, поради што најверојатно помалку се дружат со останатите или бараат активности кои ќе го преокупираат нивниот мозок.
„Важен фактор кој може да им помогне на ваквите лица да се борат со ниското ниво на активност е свесноста“, велат авторите на истражувањето. „Свесноста за тоа дека не се физички активни, заедно со свесноста за ризиците кои се поврзани со неактивноста, може да ги натера да бидат малку поактивни во текот на денот“, заклучуваат истражувачите.
Истражувањето е објавено во „ Journal of Health Psychology“.