Мускули за „микроботите“

Микроботи претставуваат минијатурни подвижни роботи со димензии помали од 1 милиметар , додека истиот термин може да се употреби и за роботи кои се способни да работат  со микрометарски делови.

T.н. микроботи би биле корисни во многу области, особено во медицината и производството. Но неколку предизвици стојат помеѓу сегашните технологии и научно фантастичните можности. Две од нив се градењето на роботите и нивната мобилност.

“Инспирирани сме од идеите за микроскопски роботи”, изјави Мајкл Соломон, професор по хемиски инженеринг.

Соломон и неговата група покажаа дека златна обвивка и наизменичнo електрично поле може да помогнат елипсовидни честички да формираат синџири кои се протегаат околу 36%, во моментите кога е вклучено електричното поле.

Она што е навистина важно во областа на нанотехнологијата во моментов не е само создавањето на структури, туку и нивната можност да ја менуваат формата. Иновацијата што доведува до менување на формите, всушност е прилагодување на електричното поле да го контролира однесувањето на честичките.

Тимот започнал со честички слични на оние кои се наоѓаат во бојата, со пречник од околу една стотинка од ширината на влакното. Ги растегнале во форма на топка и едната страна на секоја од топките ја обложиле со злато. Позлатените половини се привлекувале меѓусебно во малку солена вода. Колку повеќе сол во водата, толку посилно се привлекувале.

Честичките формирале кратки синџири во преклопени парови, во просек од околу 50 или 60 честички на синџир. Кога биле изложени на наизменично електрично поле, синџирите бесконечно додавале  нови честички. Но вистинската возбуда е во начинот на протегање на синџирите. Целта на тимот е овие честички да фунционираат како мали мускули.

Иако силата генерирана од страна на влакната е околу 1000 пати послаба од човечкото мускулно ткиво по единица површина, тоа може да биде доволно за микроботите. „Доколку успееме да ги подесиме синџирите да соработуваат меѓусебно, би ги имале истите функции како биолошките мускули“, истакнува тимот. Тие се’ уште истражуваат како овој феномен функционира.

Поддржете ја нашата работа: