На кометата на Фили може да има вонземски живот

Професорот Чандра Викрамасинг, директор на Центарот „Бакингем“ за астробиологија и Макс Валис од Универзитетот во Кардиф, велат дека кометата може да е дом на микроби. Тие го претставија своето истражување во понеделникот на состанокот на Кралското астрономско друштво во Велс.

Истражувањето го вклучува она што е веќе познато за површината на кометата – односно прашина од минерали и јаглерод која формира заштитна кора над мешавина од сложени јаглеродни соединенија и вода. Тоа е погодно живеалиште за микроби, како што кометата се доближува до Сонцето, велат научниците. Микробите најверјатно живеат во пукнатините во мразот и снегот.

Научниците исто така истакнуваат и дека емисијата на гасови од кометата е потопла, што е доказ за складираните био-гасови кои се ослободиле.

Розета веќе покажа дека кометата не треба да се гледа како замрзнато неактивно тело и дека поддржува геолошки процеси кои ја прават погодна за микро-живот, можеби дури и попогодна од Арктикот и Антарктикот.

Лендерот Фили, во ноември минатата година, стана првиот лендер кој слета на комета. Но, се смести под сенката на карпа при што не можеше да се напојува од сончевата енергија и премина во фаза на хибернација. Минатиот месец, по седум долги месеци, Европската вселенска агенција објави дека Фили се разбуди и оттогаш испраќа податоци до Розета, која орбитира околу кометата.

Поддржете ја нашата работа: