Но, новото истражување на роверот на НАСА – „Curiosity“, покажува дека е можно да постои течна вода во близина на површината на Марс.
Објаснувањето е дека супстанцијата перхлорат што е најдена во почвата ја намалува точката на мрзнење, така што водата не се претвора во мраз, туку останува во течна состојба како многу солена вода.
Наодите од истражувањето се објавени во научното списание „Nature“
„Ја откривме супстанцијата калциум перхлорат во почвата, која под одредени услови ја апсорбира водената пареа од атмосферата. Мерењата направени од инструментите од роверот „Curiosity“ на Марс покажуваат дека овие услови ги има ноќе и непосредно по изгрејсонцето во зима. Врз основа на мерењата на влажноста и температурата на височина од 1,6 метри и на самата површина на планетата, можеме да ја одредиме количината на вода која е апсорбирана. Ноќе, одредена количина од водената пареа се кондензира на површината на планетата во вид на мраз, но калциум перхлоратот е голем апсорбент и создава солена вода, со што се намалува точката на мрзнење и мразот може да се претвори во течност. Почвата е порозна и може да се забележи дека водата истекува надолу низ почвата. Со текот на времето и други соли може исто така да се растворат во почвата, а кога се течни, може да се движат и да се вовлекуваат насекаде под површината“ – објаснува Мортен Бо Мадсен, вонреден професор и шеф на Групата Марс од Институтот Нилс Бор од Универзитетот од Копенхаген.
Речни корита и огромно езеро
Опсервациите, претходно направени од стерео камера од сондата на Марс, покажале области со карактеристики на речни корита, што јасно покажува дека многу одамна тука имало проток на вода со длабочина до еден метар. Сликите од роверот направени од непосредна близина по целата должина од патот до Маунт Шарп (Mount Sharp), покажуваат дека постојат пространства од седиментни депозити, положени како „плочи“ една врз друга по малку наклонувајќи се кон Маунт Шарп.
Професорот Мадсен вели дека доказите укажуваат на тоа дека целиот Гејл кратер веројатно бил големо езеро.
Тој објаснува дека пред 4,5 милијарди години на Марс имало 6½ пати повеќе вода отколку денеска и подебела атмосфера. Но најголемиот дел од водата исчезнал како последица на губењето на глобалното магнетното поле, она што ние го имаме на Земјата. Движењето на течното железо во внатрешноста на Земјата создава магнетно поле кое ја штити атмосферата на Земјата од деградација што ја предизвикуваат честичките богати со енергија од Сонцето. Бидејќи глобалното магнетно поле на Марс повеќе не постои, тоа значи дека атмосферата не е заштитена од соларната радијација.
Сепак, иако сега е откриена течна вода, не е веројатно дека ќе се најде живот на Марс – барем не како оној што го познаваме на Земјата. Премногу е суво, премногу ладно, а космичката радијација е толку силна што продира најмалку еден метар под површината и убива сѐ што е живо.
Доколку ве интересираат нашите други објави за Марс притиснете тука или изберете од популарни тагови Марс