Иако кружи околу Земјата на просечно растојание од околу 380.000 километри, се чини дека Месечината повремено се меша во нашата атмосфера. Научниците сега имаат причина да веруваат дека мал дел од кислородот чие потекло е од Земјата може да се наоѓа на тлото на нашиот природен сателит.
Истражувањето, објавено од тим на научници од Јапонија е базирано на податоците собрани од страна на леталото, познато како Kaguya (SELENE), што орбитираше околу Месечината во периодот меѓу 2007 и 2009 година.
За време на орбитирањето на леталото околу месечината научниците детектирале присуство на кислородни честички.
Откако научниците ги испитале јоните што биле детектирани од ова летало, утврдиле дека кислородните честички најверојатно потекнуваат од Земјата.
Иако се верува дека оваа размена започнала пред околу 2,4 милијарди години, кога кислородот за прв пат се појавил на нашата планета, научниците се сомневаат дека трансмисијата се случува само за време на пет дена од циклусот од 27 дена.
За време на овој период од месечевото орбитирање, магнетното поле од Земјата привремено ја штити Месечината од соларните ветрови, што пак овозможува до нејзината површина да патуваат други материи.
Тоа значи дека Месечината редовно прима нуспроизводи од животот на Земјата. Имено, поголемиот дел од кислородот на Земјата се создава преку фотосинтеза.
Истражувачите сугерираат дека е можно дел од кислородните јони да се закопаnи во почвата на Месечината, или „изгубени во интерпланетарниот простор“.
Во заклучокот од студијата се наведува дека овие наоди би можеле да „укажуваат на можноста дека атмосферата каква што постоела на Земјата пред милијарди години е зачувана на сегашната површина од Месечината“.