Тоа не е галаксија, ниту галактичко јато, дури не е ни структура во вообичаената смисла на зборот. Повеќе претставува некој вид на огромен космички балон – приближно сферична „суперпразнина“ што се протега на околу 1,8 милијарди светлосни години.
Па, што го прави овој балон различен од околните региони во Универзумот? Ништо посебено – има само значително помалку галаксии во внатрешноста на оваа празнина, отколку надвор од неа. Доктор Андрас Ковач, еден од истражувачите, вели дека во овој простор „недостасуваат околу 10 000 галаксии“.
Ова откритие ќе помогне да се расветли мистеријата која датира од 2004 година. Тогаш астрономите, истражувајќи ја радијациската мапа што останала после Биг Бенг – т.н. „Космичко микробраново позадинско зрачење“(CMB), забележале голем и необично ладен регион од небото, во јужната хемисфера на соѕвездието Еридан.
Откритието на ваков ладен регион на небото не било особено изненадување за астрономите, но ова „Ладно место“, било многу поголемо и поладно од останатите. Прашање било што го предизвикува. Ако ова Ладно место, потекнува од Биг Бенг, тоа може да биде знак дека се работи за физика која модерната космолошка теорија едноставно не може да ја објасни, а од друга страна, може едноставно да претставува доказ за постоење на релативно празен регион на простор помеѓу нас и „CMB“. Откривањето на оваа суперпразнина укажува дека второто објаснување е поверојатно. „Иако не ја утврдивме причинско -последичната врска (помеѓу „ладното место“ и суперпразнината), фактот дека две ретки структури се порамнети, укажува дека се на некој начин поврзани, велат истражувачите.
Истражувачите го направиле ова откритие со помош на податоците од телескопот „Pan-STARRS“ на хавајскиот остров Мауи и „WISE“ сателитот на НАСА. Со комбинација на податоците, истражувачите ја одредиле оддалеченоста и позицијата на секоја галаксија на тој дел од небото. Оваа суперпразнина се наоѓа на околу 3 милијарди светлосни години од Земјата.
Истражувањето е објавено во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.