Најинтересните 10 проѕирни животни во светот

1.Стаклениот октопод (Vitreledonella richardi)

Стаклениот октопод претставува едно од најмистериозните животни воопшто. Овој вид живее во длабоките морски води и скоро е невидлив во својата околина. Само органите за варење и очите не му се проѕирни.

За разлика од големите округли очи, како што имаат многу од неговите морски животни што живеат на големи длабочини, стаклениот октопод има очи кои од страна изгледаат  речиси правоаголни. Тие претставуваат цевки, со леќи на едната страна и мрежница на другата страна. Очите му се свртени нагоре за да може да го соберат остатокот од дневната светлина, од небото над него. Цилиндричната форма на очите му помага на овој октопод да се маскира кога нема каде да се сокрие.

И октоподот „Japetella“ е исто така проѕирен, но тој има уште еден трик како да се одбрани од грабливците кои имаат сопствен извор на светлина. Во 2011 година, научниците откриле дека тие се менуваат во потемно црвени, кога предаторот ќе ги осветли.

2.Стаклени жаби (Centrolenidae)

Стаклените жаби се наоѓаат во Централна и Јужна Америка, особено во дождовните шуми. Така се нарекуват поради кожата која им е проѕирна. Тие се зелени – како жабецот Кермит (од Мапет шоу) и испуштаат долг остар звук.

Многу од 100-те видови од ова семејство имаат проѕирни стомаци, па може да им се види обликот на органите, коските и крвните садови. Кај некои видови, коските се зелени, додека кај некои и внатрешните органи се проѕирни. Нејасно е зошто внатрешноста им е проѕирна. Грбот им е светло зелен и тоа им помага да се вклопат во зеленилото на лисјата во кои живеат. Во 2015 година, Брајан Кубицки и неговите колеги од Истражувачкиот центар за водоземци во Костарика, открија нов вид стаклена жаба наречена „Hyalinobatrachium dianae“, која исто така многу наликува на Кермит.

3.Месечева медуза (Aurelia aurita)

Иако оваа медуза личи на осветлена топка, името го добила по четирите органи кои се во форма на потковица, кои се видливи преку горниот дел од нејзиното „чадорче“. Тоа се репродуктивните органи, кои кај машките се бели, додека кај женските се бледо розеви. Пипалата на медузата се прекриени со жаречки клетки со кои тие можат да ги зашеметат малите риби во нивната околина. Медузите се несомнено најпрепознатливите проѕирни животни – особено за европските плажи, каде често може да се видат исфрлени  на крајбрежјето. Медузата плови во близина на површината на водата, каде со своето „ѕвоно“ прекриено со слуз ги лови планктоните и ги движи кон устата за да ги голтне. Со подвижните пипала под водата лови поголем оброци. Пипалата и ресичките што се наоѓаат по работ на „чадорчето“ се прекриени со жаречки клетки, со кои ги напаѓаат помалите риби. Убодот од медуза не предизвикува особена болка кај човекот, но медузите сепак може да направат голем проблем. Неколку нуклеарни централи морале да ги затворат нивните реактори, откако системите за ладење им биле „поплавени“ од  медузи. Големи јата од медузи се честа појава.

4.Cyanogaster noctivaga

Оваа риба е позната кратко време, и затоа нема „обично“ име. Преводот од латински отприлика би бил „ноќен скитач со син стомак“. Ова кажува по нешто за изгледот и однесувањето на оваа риба, но не и главната карактеристика – дека освен стомакот и главата, таа е скоро потполно проѕирна.

Откриена е во „Рио Негро“ во Бразил, во 2011 година. Долга е најмногу до 17 мм. и е само 7 мм. подолга од најмалата риба „Paedocypris progenetica“ од Суматра.

Била случајно откриена, кога научниците направиле детално истражување на најголемта притока на  Амазон. После тоа, истражувачите откриле неколку примероци во Зоолошкиот музеј во Сао Паоло, каде се наоѓала незабележана 30 години.

5.Морски орев (Mnemiopsis leidyi)

Ако се движи споро, нема очи ниту мозок и во основа изгледа како проѕирен меур, тогаш се нарекува морски орев. Инспирација за името на ова животно е евидентната  тромавост. Тоа не е медуза, туку „ребраш“. За разлика од медузите кои низ водата се движат со потисок, ребрашите се движат со помош на неколку реда од микроскопски структури, слични на влакна, кои вибрираат.

Морскиот орев е проѕирен, но неговите ребрасти структури (како од чешел) ја растураат светлината во боите на виножитото. На фотографија, ова создава изглед како мрежа од јажиња со пулсирачка неонска светлина. Ова животно исто така продуцира и сино-зелен биолуминисцетен сјај, преку специјализирани клетки наречени фотоцити. Ребрата ги користи за ловење на плен, истиснувајќи ја водата богата со планктони директно во устата. Тие се незаситни грабливци и можат да влијаат на целиот ланец на исхрана. Во Црно Море биле случајно донесени преку товарни бродови и толку ги опустошиле планктоните што ги лишиле и другите животни (како рибите ) од храна. Опаднал дури и бројот на големите животни, како делфините и фоките.

6.Пеперутката со проѕирни крила (Greta oto)

Познато е дека пеперутките отсекогаш се издвојувале. Светло обоените светликави видови ги користат своите забележителни бои за комуницирање и за наоѓање партнер. Нивните крилја рефлектираат толку малку светлина, што дури ни блесок од директна светлина нема да ги издаде. Други пак се „облекуваат“ наопаку, поставувајќи ги своите мистични бои од долната страна на крилјата, за да ги избегнат грабливците. Но никој не отишол толку далеку како пеперутката со проѕирни крилја од Централна Америка – низ нејзините крила може директно да се гледа. Боите на пеперутката ги создава минијатурниот скелет во крилјата, но тој зафаќа многу мал простор, создавајќи на тој начин прозорец низ кој јасно може да се види позадината зад нив.

Во една студија од 2015 беа опишани структури во крилјата во вид на столбови, со „хаотичен“ распоред и големина. Ваквата структура допринесува за значително намалување на рефлексијата, што во иднина би можело да се искористи кај  големите екрани, комјутерските монитори и паметните телефони.

7.Цветната кошничка на Венера (Euplectella aspergillum)

Иако многу проѕирни животни се споредуваат со стаклото (или се нарекуват стаклени), ова е можеби најточно кога се работи за Цветната кошничка на Венера. Се нарекува уште и стаклен сунѓер, а скелетот му е направен од силициум диоксид, основниот материјал кој се користи за изработка на стакло.

Нееластичното тело на Венерината цветна кошничка е прицврстено за морското дно во студените води на западниот Пацифик, на длабочина до 1 000 метри. Се издигнува во вид на мрежест столб, до височина од 25 сантиметри. Изгледа како интересна вазна, па одтаму го добила и  името. Водата ја вшмукува со сунѓерестото ткиво и ги филтрира честичките од храна. Во шупливото тело понекогаш се наоѓаат и ракчиња кои навлегуваат како ларви и откако ќе пораснат остануваат заглавени, бидејќи се премногу големи за да избегаат. Ракчињата тогаш живеат како моногамни парови и ваквите сунѓери се традиционален свадбен подарок во Јапонија.

Кога ќе ја напуштат водената средина, овие сунѓери буквално стануваат бледа сенка на самите себе. Тие се биолуминисцентни, а во овој случај сјајот го создава бактерија која живее на површината на сунѓерот.

8.Морски пеперутки (Thecosomata)

Морските пеперутки се всушност морски полжави кои се адаптирале да живеат во близина на половите. Наместо да го користат своето мускулно стапало за да се влечат по морското дно, тие го користат за пливање низ водата. Стапалото е модифицирано и е поделено на два дела, така што личи на две проѕирни лабави крилца.

Многу видови од морските пеперутки ги изгубиле своите школки, а кај оние кај кои се зачувани, тие се потполно проѕирни. Морските пеперутки ја ловат храната преку слузава мрежа, која е распослана преку нивните крилја. Оваа мрежа може да биде и пет пати поголема од големината на самиот полжав. После тоа, мрежата ја повлекуваат повторно во устата, за да ги повратат хранливите материи кои ги потрошиле при нејзината изработка.

Се смета дека морските пепрутки сочинуваат повеќе од  50% од зоопланктоните во поларните мориња со кои се хранат голем број животни – од харинги, па до фоки.

9.Ракчињата духови (Palaemonetes)

Проѕирниот изглед е популарен и кај ракчињата. Овие мали ракчиња еволуирале и станале скоро сосема невидливи за да ги избегнат грабливците. Терминот „ракчиња духови“ се однесува на повеќе групи од овие животни, а најголемата од нив е родот „Palaemonetes“. Постојат повеќе од 40 видови на „Palaemonetes“, кои живеат во слатките и солените води ширум светот. Понекогаш се нарекуваат „стаклени ракчиња“, поради нивниот проѕирен егзоскелет, или „тревни ракчиња“, затоа што сакаат да живеат помеѓу тревите.

Овие ракчиња се популарни и како миленичиња затоа што ги чистат аквариумите хранејќи се со  отпадоците. Кај некои видови може да се види и храната во нивните проѕирни стомаци. Во внатрешноста на женките можат да се видат зелено обоените икри пред да  се мрестат. Очите се едни од малкуте нивни делови кои не се проѕирни. Нивната ретина повеќе ја заробува светлината отколку што ја пропушта. Сепак, некои од тревните ракчиња имаат зеленкасто-златен сјај на очите, што им служи за да ги маскираат своите изразени темни очи од грабливците.

10.Антарктичката ледена риба (Notothenioidei)

Овие риби живеат на 10 метри под површината на Северниот Леден Океан, каде температурата се движи околу -2 °C и изгледаат како да се направени од мразот под кој се движат. Тие се толку добро адаптирани на ледените води што дури во крвта и во телесните течности имаат гликопротеин (антифриз), кој спречува формирање на ледени кристали.

Овие риби се бледи и имаат проѕирна кожа. Едно семејство од нив – „crocodile icefish“ , немаат дури ни црвена крв во крвните садови. Тие се единствените познати ‘рбетници кои немаат хемоглобин во крвта – протеин кој го носи кислородот и ја прави крвта црвена. Прво се мислело дека тоа претставува уште една адаптација на ледената средина, но денес научниците се сомневаат дека се работи за еволутивна грешка. Нивната бела крв  може да пренесува само околу 10% кислород од она што го пренесува црвената крв кај рибите. За да го компензираат недостатокот, потребно им е големо срце, многу крв и густа мрежа од крвни садови. Некогаш се сметаше дека водите под мразот се негостољубиви за рибите, но неодамнешните истражувања покажале дека ледените риби доминираат во водите на Антарктикот, сочинувајќи и до 35% од биомасата. Сепак, температурата на водата сега рапидно се зголемува, па нивната уникатна адаптција на студените води може да ги стави во опасност од исчезнување.

Поддржете ја нашата работа: