Најнова комбинација на лекови за третман на ревматоиден артритис

Ревматоидниот артритис (РА) е хронично авто-имуно заболување, кое предизвикува болки и вкочанетост на зглобовите, исцрпеност, оштетување на коските, а со текот на времето и неспособност за движење. Од РА страдаат околу 1% од населението во западниот свет (Во Белгија на пр. 80.000 до 100.000 луѓе моментално живеат со оваа болест).

Бидејќи не постои лек за РА, лекарите се фокусирани на третмани што ќе ја потиснат активноста на болеста. Во последните години, терапиите значително се подобрија и клиничките испитувања покажаа дека раниот интензивен третман на болеста може да го спречи оштетувањето на зглобовите и да го подобри квалитетот на животот на пациентите со РА.

Во двегодишната студија наречена „Грижа за РА“ (Грижа за РА во рана фаза), истражувачите и докторите од Одделот за ревматологија на болницата во Лувен, испитале различни терапии за ран третман на РА со цел да пронајдат оптимална комбинација на дози од три антиревматски лекови што вообичаено се препишуваат (метотрексат, сулфасалазин и лефлуномид) во комбинација со гликокортикостероиди (класа на стероидни хормони).

Истражувачите поделиле 290 пациенти во рана фаза на РА во три групи. Секоја група добила различна комбинација на лекови. Првата група примила комбинација наречена „COBRA Classic“- метотрексат, сулфасалазин и висока прва доза од гликокортикостероиди. Втората група „COBRA Slim“ – метотрексат и умерена доза од гликокортикостероиди. Третата група „COBRA Avant-Garde’“ -метотрексат, лефлуномид и умерена доза од гликокортикостероиди.

Сите три стратегии покажале слична висока ефикасност. После 16 недели од третманот постигната е ремисија на болеста кај 7 од 10 пациенти, меѓутоа се покажале значителни варијации во однос на несаканите ефекти.
Новата „COBRA Slim“ стратегија, која вклучува најмали дози од лековите, покажала помалку од половина несакани ефекти од останатите две стратегии, а била подеднакво ефикасна. Исто така оваа стратегија е лесно применлива за секојдневната употреба, бидејќи е наједноставна.

Широката употреба на оваа стратегија би довела до повисока ремисија на болеста кај пациенти во рана фаза на РА и веројатно би ја намалила потребата од скапите лекови во втората линија на антиревматски лекови, позната како биолошка, која чини и до 15.000 евра годишно. За споредба „COBRA Slim“ чини помалку од 1.000 евра. Со други зборови, би можеле да се третираат и до 15 пациенти за истата цена како и годишниот третман со биолошката терапија – велат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: