Прашањето како и од кога тие потекнуваат е се’ уште нерешена мистерија. Истражувачите сметаат дека ’рбетниците почнале да го населуваат копното пред повеќе од 300 милиони години (геолошкиот период Карбон), но фосилите од првите 30 милиони години од овој период се многу ретки.
За подобро да го разберат преминот од вода на копно, Питер Бишоп од музејот во Квинсленд и неговите колеги ја проучувале најстарата скршена коска од четириножен ’рбетник – подлактицата од “Ossinodus pueri“. Овој примитивен четириножен ’рбетник долг 1,5-2 метри, живеел пред околу 333 милиони години во пределот на сегашна Австралија. Снимките на коската покажуваат дека процесот на зараснување започнал, и коската веќе била делумно зарасната кога животното починало.
Кога тимот ги реконструирал силите кои би биле потребни за коската да се скрши, откриле дека силата на удар била многу голема во однос на големината на животното, што значи дека тоа мора да паднало на копното, на пр. од некоја карпа или во шума. Претпоставувајќи дека тоа тежело 35 кг. доволно би било да падне само 85 см. за да ја скрши коската.
„Ваков вид на сила од удар е многу тешко да се постигне во вода, бидејќи водата го ублажува ударот“, изјави Бишоп за „New Scientist“. Покрај тоа, истражувачите пронашле и анатомски карактеристики во коските и во сунѓерестото коскено ткиво што претставуваат важни адаптации за поддршка на тежина, што значи дека коските можеле да ја издржат тежината на животното кога тоа би се движело на копното.
Овие наоди, објавени овој месец во “PLoS ONE“, сугерираат дека „Ossinodus“ поминувал поголем дел од своето време на копно, наместо во вода, што го прави најстариот четириножен ’рбетник адаптиран на копно. Овие откритија го враќаат назад потеклото на нашите копнени предци за најмалку две милиони години. Иако точното потекло на копнените животни е се’ уште непознато, овие откритија не доближуваат до процесот на премин од вода на копно, истакнуваат истражувачите.