Нано-терминатори од течен метал за уништување на ракот

Терминаторите од течен метал обично се застрашувачка работа. Но, научниците од Државниот Универзитет во Северна Каролина и Универзитетот Чапер Хил, развиле биоразградлив течен метал кој може да се користи за пренос на лекови за уништување на канцерски клетки – наместо да се користи за уништување на луѓе.

Истражувачите успеале да ги направат овие нано-терминатори така што истуриле течен метал (легура од галиум и индиум) во раствор од молекули наречени полимерични лиганди. Бомбардирање на растворот со ултразвучни бранови предизвикува течниот метал да се распрсне во минијатурни капки со големина од 100 нанометри во дијаметар. Лигандите се лепат за површината на капките, формирајќи обвивка која не дозволува легурата повторно да се спои заедно.

Кога антканцерогениот лек доксорубицин бил ставен во растворот, лигантите на нанокапките го апсорбирале, создавајќи на тој начин носач на лекот, кој може да се оддели од растворот и да се внесе во крвотокот. Но тоа не е сѐ.

Еден друг вид на лиганди што се закачуваат на нанокапките, можат ефикасно да ги откријат и да ги таргетираат канцерските клетки. Тие прават рецепторите на површината на клетката да се залепат, а со време и да ги апсорбираат нанокапките, што доведува до ослободување на лекот внатре во канцерската клетка. Кога ќе се најде во канцерската клетка, течниот метал реагира со киселоста на клетката и ослободува галиумови јони со што всушност се зголемува дејството на лекот, а во исто време доведува до разградување на металот. Врз основа на ин витро тестирањата, научниците веруваат дека во рок од само неколку дена течниот  метал комплетно се деградира до форма која организмот може успешно да ја апсорбира или да ја исфрли без забележливи токсични ефекти.

Предноста на оваа техника на доставување на лекови е тоа што се зголемува ефикасноста на лекот што се доставува, може да им помогне на докторите да го лоцираат туморот, може да се произведува во големи количини, а се чини дека се потполно биоразградливи со исклучително мала токсичност, велат научниците.

Тестирањата направени на модели од глувци покажале дека овие нанотерминатори многу поефикасно го спречуваат растот на ракот на јајници, отколку кога се користи само доксорубицин. Истражувачите ќе ги продолжат тестирањата прво на поголеми животни, и се надеваат сека наскоро ќе преминат на клинички тестирања на луѓе.

Овие наоди се објавени во „Nature Communications“.

Поддржете ја нашата работа: