Сместено во тревнатите долини на северо-западна Намибија се наоѓа гратчето Опуво. Има само 12.000 жители и со автомобил од едниот до другиот крај може да се помине за помалку од една минута. По пат може да се забележат неколку административни згради, две училишта, болница, неколку продавници и бензинска пумпа.
Сепак, од самиот град поинтересни се неговите жители. Градот е населен од полуномадскиот народ Химба, кој деновите ги поминува главно одгледувајќи добиток. Додека голем број од другите домордни народи одамна почнале да се селат во градовите, припадниците на Химба народот главно успеваат да ги избегнат контактите со модерните култури и да го продолжат традиционалниот начин на живот. Но, сѐ се менува, па така и тие се подложни на промените од современиот свет.
Овој народ претставува идеална можност научниците да изврашат проучување за тоа како современиот живот влијае на нашиот вид. Резултатите покажале дека го менува во основа, а науката сѐ уште не може во целост да ги објасни тие промени. Но, сите се согласуваат дека Химба луѓето го гледаат светот различно од нас.
Првите индиции дека домородните народи различно го доживуваат светот ги открил В.Х. Риверс уште на почетокот на 20-тиот век. Тој ги подложил домородните народи на островите во близина на северниот брег на Австралија на различни тестови на видот, од кои најпозната е Милер-Лајеровата илузија.
Погледнете ги стрелките на сликата подолу и обидете се да погодите која линија е подолга.
Линиите се со иста должина, но повеќето луѓе од западниот свет ќе тврдат дека долната линија е подолга и тоа за околу 20 проценти.
Од друга страна, Риверс открил дека домородците се многу подобри во проценката на соодносите. Милер-Лајеровата илузија не претставувала пречка во нивната проценка.
До истите заклучоци дошле и бројни други истражувачи кои ги проучувале домородните народи. Резултатите покажале дека од Индија до пустината Калахари, домородците подобро гледаат од луѓето од запад.
Џулс Давидоф од Универзитетот Голдсмит во Лондон, вршел истражување за тоа како гледаат луѓето од Химба народот и кои илузии би можеле да им претставуваат проблем. Повеќето од неговите први експерименти биле концентрирани на Ебингхаусовата илузија.
Погледнете ги портокаловите кругови на сликата подолу и обидете се процените кој е поголем.
Луѓето од западниот свет проценуваат дека кругот десно е поголем, иако се идентични по големина.
Давидоф открил дека луѓето од Химба народот немаат проблем со оваа илузија и точно проценуваат дека двата круга се исти по големина. Причина за ваквата појава е што домородците вниманието го насочуваат директно на внатрешните кругови и го занемаруваат надворешниот прстен кој е сочинет од кругови.
За да го тестира дополнително овој феномен, Давидоф побарал тие да ги споредат апстрактните фигури кои се состојат од помали фигури, како што е прикажано на оваа слика.
Химба луѓето својот закулчок го базирале врз набљудувањето на деталите кои ја сочинуваат целата слика, наместо на разгледување на ликот што го формираат деталите.
Последните тестирања покажале дека луѓето од Химба народот можат подобро и подолго да се концентрираат од луѓето од западниот свет и полесно да ги игнорираат факторите што ги попречуваат. Во експериментот во кој требало да пронајдат одредени предмети во решетка, поместувањето на останатите предмети на екранот помалку ги попречувало отколку луѓето од западниот свет. Покрај тоа, Химба луѓето биле најконцентрирани од било која друга група што е досега тестирана.Во суштина овие луѓе се многу флексибилни – иако можат да ја видат „целата слика“, првенствено силно ќе се фокусираат на деталите, доколу се охрабрени тоа да го направат.
Според едно од објаснувањата, оваа особина е клучна за нивниот секојдневен живот. На пример, да се идентификуваат сите карактеристики на секоја крава поединечно, доведува до тоа да можат уште од мала возраст да се здобијат со способности кои се занемаруваат во сите модерни општества.