Наскоро: Вградување на шесто сетило?

Во експериментот што го направија јапонските научници од Универзитетот во Токио, покажаа дека е возможно слепи стаорци да „гледаат“ ако им се прикачат мали дигитални компаси во мозокот.

Наодите што беа објавени во списанието „Current Biology“, исто така отвораат можност на луѓето да им се овозможи нешто слично на „шесто сетило“ – да се прошират нивите сетила за да можат да детектираат дури и ултравиолетово зрачење и ултразвучни бранови.

Во својот експеримент јапонските научници приклучиле дигитален компас, сличен на оној што се наоѓа во паметните телефони, во визуелниот кортекс на стаорци на кои претходно им биле сошиени очните капаци. Компасот бил поврзан со микростимулатор кој испраќал различни електрични сигнали во визуелниот кортекс кога главата им била усмерена во различни правци (север или југ). Тоа им овозможило на стаорците да создадат ментална мапа од нивното опкружување, без други визуелни знаци.

Пред да им биде прикачен компасот, стаорците не можеле да се движат низ лавиринти. Само по неколку дена стаорците биле во состојба да ги користат геомагнетните информации и да го „решат“ лавиринтот. Изненадувачки, достигнувањата што ги покажале овие стаорци биле многу слични со стаорците со нормален вид.

„Бевме изненадени дека стаорците можат да го сфатат новото чувство што претходно го немале и да научат да го користат во извршување задачи, за само два до три дена. Највпечатливо е тоа што овие наоди ги покажуваат потенцијалните или латентните можности на мозокот. Покажавме дека мозокот на цицачите е доволно флексибилен дури и во зрела возраст – да може да вклучи нови  несвојствени модалитети во претходно постоечките извори на информации“- велат научниците.

Покрај очигледната примена на овие наоди – прикачување на геомагнетните сензори на бастуните што ги користат слепите лица при одење, постои и можност за уште една „привлечна“ примена. Истражувачите веруваат дека оваа технологија може да се искористи да се „прошират“ нашите сегашни сетила, така што еден ден луѓето би можеле да научат не само да ги читаат и да ги интерпретираат геомагнетните сигнали, туку и да ги разберат информациите собрани од ултравиолетовото зрачење, ултразвучните бранови и други сигнали кои нашиот мозок се’ уште не може да ги детектира.

„Можеби реалноста е многу „поживописна“ од она што сега ја доживуваме “- велат научниците.

Поддржете ја нашата работа: