Високообразовните институции веќе ја отворија вратата за еднакви можности на жените и малцинствата во САД. Новото истражување на универзитетот во Тел Авив сугерира дека можеби основното училиште е факторот кој ја детерминира идната професија.
Имено нивната анализа покажува дека несвесните предрасуди на наставниците имаат значително влијание врз подоцнежните академски избори на женските ученици. „Тоа не е прашање на дискриминација, туку на несвесното обесхрабрување”, вели д-р Сенд. Ова обесхрабрување, сепак, има импликации. Компјутерските науки и инженерство, кои се меѓу најплатените области, се исклучуваат како опции уште во основните училишта.
Методологија на истражувањето
Истражувањето беше спроведено на три групи на ученици во Израел кои се следени од шесто одделение, до крајот на средното училиште. На студентите им биле доделени два теста. Првиот е оценет од страна на наставници кои не ги знаеле имињата на учениците, а вториот од страна на наставници кои ги знаеле. Во математиката, девојчињата ги надминале момчињата на тестот кој беше анонимно оценуван, но кога оценувањето се вршело од страна на наставниците кои биле запознаени со нивните имиња, момчињата биле подобри. Ефектот не е ист за тестови од не-математички науки или поврзани области.
Кога истите ученици завршиле основно и средно училиште, анализирани се резултатите од матурските испити („Bagrut” на хебрејски). Момчињата кои биле охрабрени кога биле помлади постигнале значително подобри скорови од своите колешки, иако вториве објективно биле подобри на помала возраст.
Девојчињата кои биле обесхрабрени од наставниците во основно училиште имаат помалку шанси од момчињата да се одлучат за напредни курсеви по математика и сродни науки.
Ако професорите ги земат предвид овие ефекти, тоа би можело да доведе до намалување на родовиот јаз во постигнувањата, особено во областа на науката и математиката. Охрабрувањето е важно за сите деца и сите предмети. Наставниците играат клучна улога во намалувањето и зголемувањето на нивото на самодоверба кај учениците и тоа има сериозни импликации врз нивната иднина.