Минатата колумна, во која потенциравме зошто е потребно и како да се заштитите од штетни производи и совети за здравјето, предизвика интерес и реакции кај одреден дел од читателите. Коментарите се движеа од поддршка, па до скепса и сомневање во веродостојноста и издржаноста на точките изложени во текстот.
Дозволете ми овој пат, да ви ги презентирам истражувањата и студиите, кои недвосмислено укажуваат во правец на потврдување на искажаните ставови.
Научни докази за штетноста на германиумот
1. Научно истражување под наслов: „Нефротоксичност и невротоксичност кај луѓе од органогерманиум и германиум диоксид” (објавено во: Biol Trace Elem Res. 1991 Jun;29(3):267-80), автор: Шаус АГ (Германија)
Цитати од студијата:
„дефицит на германиум не е утврден кај ниту едно животнo” – или со други зборови, германиумот не му е потребен на организмот;
„од 1982 до 1991, документирани се 18 случаи на акутна бубрежна дисфункција, и два смртни случаи, поврзани со внес преку уста на напитоци со германиум диоксид или Ге-132”;
“кај пациентите што преживеале, бубрежната функција се подобрила откако престанале со суплементација со Ге. Меѓутоа, кај ниту еден случај не дошло до целосно заздравување”;
„една органогерманиумска состојка (спирогерманиум) предизвикалa невротоксичност и белодробна токсичност кај пациенти со рак”;
„се наложува потреба од понатамошни испитувања на оштетувањата на бубрезите предизвикани од Ге”.
2. Официјален документ на ФДА (Агенцијата за храна и лекови на САД): „Проценка на опасноста на суплементите со германиум” (објавен во: Regul Toxicol Pharmacol. 1997 Jun;25(3):211-9.), автори: Тао СХ, Болгер ПМ (САД)
Цитати од проценката:
„утврдени се најмалку 31 пријавен случај на откажување на бубрезите и дури смрт, при пролонгирана употреба на Ге”;
„утврдени се знаци на бубрежна дисфункција, бубрежна тубуларна дегенерација и акумулирање на Ге. Останати несакани ефекти се: анемија, слабост на мускулите и периферна невропатија”;
„враќањето на бубрежната функција е бавно и нецелосно, по престанокот на суплементацијата со Ге”;
„базирано на доказите за перзистентна бубрежна токсичност, недостатокот на наоди за разните видови нефротоксичност на органскиот германиум, и можноста за контаминација на органскиот германиум со неоргански – јасно е дека германиумот претставува потенцијална опасност за човековото здравје”.
3. Научно истражување под наслов: „Интоксикација со германиум и сензорна атаксија” (објавено во: J Neurol Sci. 1995 Jun;130(2):220-3.), автори: Асака и останати (Јапонија)
Цитати од студијата:
„сензорна атаксија со неоргански германиум е ретка. 63 годишна жена земала неоргански германиум во доза 36мг на ден околу 6 години. Истата развила потешкотии во пишувањето и периферна невропатија со зафатеност на бубрезите”;
„германиумот бил акумулиран и во косата и во ноктите”;
„периферната невропатија и оштетувањата на бубрезите биле нереверзибилни”;
„се надоврзале пневмонија и сепса и пациентката починала”;
„аутопсијата утврдила дегенерација и загуба на неврони во ‘рбетниот мозок”;
„и кај други два случаи на суплементација со германиум е утврдена атаксија”.
4. Научно истражување под наслов: „Злоупотреба на германиум поврзана со фатална лактична ацидоза” (објавено во: Nephron. 1992;62(3):351-6.), автори: Крапф Р и останати (Швајцарија).
Цитати од студијата:
„опсервиравме пациентка со неметатстатски рак на дојка која почина од сериозна лактична ацидоза по внес на 25г германиум во период од 2 месеци”;
„хепатотоксичност и откажување на бубрезите се развиле за време на земањето на германиум”;
„аутопсијата покажа високи нивоа на германиум во урина, крв и ткива”
5. Предупредување од Агенцијата на храна и лекови (САД) за забрана за увоз на продукти од германиум за употреба кај луѓе
Директен линк до предупредувањето: http://www.accessdata.fda.gov/cms_ia/importalert_139.html
Цитати од забраната:
„Германиумот е неесенцијален елемент кој предизвикува оштетување на бубрезите и смрт кога се употребува долгорочно кај луѓе, дури и при препорачани дози”;
„легитимна употреба на германиумот е само како полуспроводник, за индустриски цели”;