Џејмс Кларк Максвел (13 јуни 1831 – 5 ноември 1879) е шкотски научник во областа на математичка физика. Неговите откритија ја навестуваат новата ера на современата физика, поставувајќи ги основите за областите како релативност и квантна механика. Неговиот придонес во науката се смета за исто толку значаен како и придонесите на Исак Њутн и Алберт Ајнштајн.
Роден е на 13 јуни 1831 година во Единбург, во благородничко семејство. Неговата мајка го воочила неговиот потенцијал и ја презела одговорноста за неговото образование. Во 1847, на возраст од 16 години започнал да посетува настава на Унивезитетот во Единбург. Сслободното време го поминувал експериментирајќи со импровизирани хемиски, електрични и магнетни инструменти. Во октомври 1850 година, веќе познат како математичар, заминал да студира на Универзитетот во Кембриџ. Во 1854 Максвел дипломирал математика. Бил професор во Абердин, а подоцна и на Кралскиот колеџ во Лондон, што воедно се сметаат за најпродуктивните години во неговата кариера (1860-1865 година).
Неговото најзначајно достигнување е формулирањето на теоријата за електромагнетно зрачење, со што за прв пат ги споил електричната енергија, магнетизамот и светлината како манифестации на еден ист феномен. Прочуен е по своите Максвелови равенки кои наоѓаат значајна примена во разни научни области.
Со објавувањето на „Динамична теорија на електромагнетното поле“ во 1865 година, Максвел покажал дека електричните и магнетните полиња патуваат низ вселената како бранови, кои се движат со брзината на светлината. Тој сметал дека светлината е брановидно движење кое е причина за електричните и магнетните појави, што довело до предвидување на постоењето на радио бранови. Познат е и по претставувањето на првата трајна фотографија во боја во 1861 година. Починал на 5 ноември 1879 година од рак, на 48-годишна возраст.