Неговото значајно откритие придонело за огромен развој на полето на науката.
Бојл е роден на 25 јануари 1627 г. во богато семејство во замокот Лисмор (Ирска). Тоа било кратко пред почетокот на периодот што историчарите го нарекуваат доба на разумот — период во кој учените луѓе се труделе да го ослободат човештвото од фанатизмот кој со векови го држел во своите пранги. И Бојл се залагал за истото. Во една автобиографија во која се опфатени почетоците на неговата кариера се нарекол себеси Филаретус што значи „оној што ја сака доблеста“.
Бојл е наречен татко на хемијата. Тој имал сосема поинаков пристап од алхемичарите во негово време. Тие ги чувале своите откритија во тајност или пишувале за нив користејќи нејасни термини кои биле непознати за повеќето надвор од нивните кругови. За разлика од нив, Бојл ги објавувал сите детали од својата работа. Освен тоа, наместо едноставно да ги прифати веќе познатите хипотези, се залагал да се користи експериментот како метода за утврдување на фактите. Ги дефинирал елементите.
Заедно со Роберт Хук го проучувале вакуумот на Торичели, а можеби токму тие откриле дека висината на столбот со жива на Торичели зависи од времето, на тој начин пронаоѓајќи го барометарот. Кога Хук ја конструирал воздушната пумпа, што постојано ја користеле и демонстрирале, таа набрзо станала позната како “mashina Boyleana”. Две години по смртта на Кромвел во 1658г, Чарлс II се вратил од прогонство и бил крунисан за крал, а занимавањето со науката било повторно дозволено. Во истата година „невидливиот колеџ” се преобразил во Кралско друштво воЛондон за промовирање на природното знаење. Бојл бил еден од основачите.
Експериментите на Бојл дале поткрепа за идејата дека материјата е составена од некој вид честички што тој ги нарекол корпускули и кои, комбинирани на разни начини, создаваат различни супстанции.
Пристапот на Бојл кон научните истражувања е опишан во неговата позната книга „Скептичниот хемичар“. Во неа тој препорачува научниците да не бидат арогантни или догматични и да бидат спремни да си ги признаат грешките. Бојл барал од оние со цврсто вкоренети ставови да прават разлика меѓу работите што знаат дека се точни и работите што мислат дека се точни.
Умрел во Англија во 1691 г, на 64 годинишна возраст, речиси истовремено со својата сестра Катерина, со која бил исклучително близок.