Роден е во Милет, во грчка Јонија. Во текот на својот живот престојувал во Египет и Вавилон, каде стекнал знаења од областа на астрономијата и геометријата. Талес се интересирал скоро за се, филозофија, историја, наука, математика, инженерство, географија и политика. Предложил теории за да ги објасни природните појави и причините за промените кои се случуваат во природата. Интензивно се занимавал со астрономските проблематики и понудил бројни објаснувања за настаните во вселената, со што станал основоположник на грчката астрономија. Неговите хипотези биле нови и револуционерни и претствувале премин од религиозното кон научното сфаќање на вселената. Иако неговото подучување повеќе се однесувало на филозофските аспекти на проблемите, отколку на нивната практична научна примена, со неговиот начин на размислување поставил основи на научните методологии. Бил многу почитуван во античко време. Според Херодот, Талес го предвидел помрачувањето на сонцето кое се случило на 28 Мај, 585 год п.н.е.
Сметал дека водата е “првиот принцип“ во природата. Од извонредно значење се неговите откритија во областа на математиката, поточно во геометријата. Посебно се истакнува со проучувањето на својствата на триаголникот. Најпознатата негова теорема која гласи: Секој периферен агол над дијаметар на кружницата е прав агол, го носи неговото име (Талесова теорема). Исто така, нему му се припишуваат и следните теореми од областа на геометријата: (1) секоја кружница се преполовува со нејзиниот дијаметар; (2) аглите при основата кај равнокрак триаголник се еднакви; (3) паровите спротивни агли кои се формираат во пресекот на две прави се еднакви и (4) АСА теоремата за складност на триаголници. АСА теоремата за складност на триаголници ја искористил за да одреди колку е далеку бродот на морската шир од брегот. Неговите современици биле вчудовидени кога Талес, со малку шетање по брегот и некои мерења, ја кажал точната оддалеченост на бродот. Се претпоставува дека тоа го сторил на следниов начин: Застанал на брегот (во точката А на цртежот). Потоа се завртел за 900 и тргнал по брегот по права линија, при што отчекорил стотина чекори. Застанал и забодел колец (во точката C). Пак продолжил да чекори по истата линија и откако изминал исто растојание како до колецот, пак застанал (точка D). Сега пак се свртел за 900 кон копното и продолжил да оди по права линија се додека не дошол на место (точка Е) од каде преку колецот можел да го види бродот. Во тој момент им соопштил на присутните колку е оддалечен бродот од брегот (бидејќи AB=ED).
Цитати
„Најтешко е да се запознаеш самиот себеси“
„Почитта од далечина е поголема“
„ Ако заповедуваш, контролирај се себеси“
„Смртта не се разликува од животот“. Кога го прашале зошто тогаш не умре, одговорил „ Баш затоа што нема никаква разлика“.