Тој е првиот физиолог кој дал правилен и точен опис на циркулацијата на крвта во затворен систем со користење на срцето.
Вилијам Харви е роден на 1 април 1578 година во Фокстон, Англија, во средината на владеењето на кралицата Елизабета I, како најстар од седумте деца. Потекнува од богато и угледно семејство.
Основното образование го завршува во Фокстон. За тоа време го совладува латинскиот јазик. По завршувањето на основното образование, се запишува на Кралската школа, каде што поминува 5 години.
Тој потоа школувањето го продолжува во Гонвил и Колеџот Кај, Кембриџ. Дипломирал во 1597 година.
Извесно време патувал низ Франција, Германија, Италија, со цел да го дополни своето професионално усовршување.
Продолжува со образованието во 1598 година на Универзитетот во Падова, едно од најдобрите медицински училишта во тоа време, кај познатиот научник и хирург Фабрициус. На 25 април 1602 година, 24 годишниот Вилијам се стекнува со титулата лекар.
По завршувањето на студиите во Падова, тој се вратил во Англија во 1602 година и се оженил со Елизабет Браун, ќерка на Ланселот Браун, еден од лекарите на кралицата, со која немал деца. Од 1607 година, па речиси до крајот на животот, Харви работи како лекар во болницата Св. Бартоломеј.
Конфликтите и Граѓанската војна во Англија (1642 – 1645) го носат Харви во Оксфорд каде што станува доктор по физиологија во 1642 година, а потоа и управник на Колеџот Мертон во 1645 година.
По смртта на сопругата, се враќа во Лондон и постепено се повлекува од функциите и обврските.
Починал во Рохемптон во куќата на неговиот брат Елијава, на 3 јуни 1657 година, најверојатно од крварење на мозокот.
Голем дел од материјалните средства кои ги стекнал, ги донирал за развој на медицината и лекарската фела.
Научен придонес
Уште за време на студиите, Харви бил фасциниран со циркулацијата на крвта и улогата на крвните садови и срцето. Најпрво експериментирал на себе, а потоа и на животни. Тој бил многу внимателен и не брзал да ја запознае јавноста со соствените наоди.
Дури кога бил апсолутно сигурен во неговите откритија, во текот на 1628 година, Харви ја објавил својата прва работа, лат.„Exercitatio Anatomica de Motu Cordis et Sanguinis in Animalibus“ во која тој ја објаснува циркулацијата на крвта во затворен систем со користење на срцето како силна пумпа, а потоа го негираше верувањето на Гален и неговите следбеници за функцијата на крвта. Харви го поставува точниот концепт на циркулаторниот систем.
Делото на Харви за работата на срцето и циркулацијата на крвта е резултат на многу години експериментални истражувања во кое ги демантира сите стари учења за пулсот, движењето на крвта низ срцевите прегради и присуство на воздух во артериите. Докажал дека крвта тргнува од срцето, се движи низ артериите кон периферијата, а потоа повторно низ вените се враќа во срцето.
Во својата втора публикација (есеи за генерацијата животни) тој покажал дека сите животи произлегуваат од јајце (лат. Omne vivum еx оvо) и ги поставил темелите на современата ембриологија.
Иако неговите наоди наишле на отпор од страна на тогашните научни кругови, сепак делата на Харви не само што имале големо значење за понатамошниот развој на анатомијата и физиологијата, туку и воопшто за медицината.