Научниците креираа вештачка кожа

Во оваа нова технологија, за која многумина веруваат дека радикално ќе го смени начинот на третирање на изгорениците, се користи основа од колагенски мембрани, за која научниците велат дека помага раните побрзо да заздрават.

На тестовите направени на глувци, научниците успеале да го забрзат заздравувањето на раните.

Мемебраната, наречена ателоколаген, научниците ја развиле од колаген од свиња. Ателоколагенот е тенок, но отпорен на кинење. Постојат и други третмани на база на колаген како прва помош при изгореници, но тие се обично подебели и тешки за ракување.

Можноста ателоколагенот да предизвика алергиска реакција е многу мала, во однос на другите колагени, со што е редуцирана и појавата на несакани ефекти.

Вештачката кожа може долго време да се чува на собна темперетура, што значи дека болниците кои немаат доволно можности за лекување на тешки изгореници можат да чуваат залихи за примена како прва помош. Сепак, научниците велат дека ова не е трајно решение и дека нема да ги замени другите процедури како кожната пластика (графтинг), но е привремена мерка за заштита на  раната од губење на течности и инфекции.


Вештачката кожа може да се произведе многу брзо и по ниска цена. Единственото нешто што може да ја подигне цената е колагенот. Времето потребно за производство е околу еден месец, но тоа би можело да се забрза доколку сите процеси на производството би се одвивале на едно место. Засега, откако ќе се развие материјалот се испраќа на друго место за да се стерилизира – велат научниците.

Моментално, истражувачите работат на линија на производи за третмани кои се вршат во болници и други медицински установи и планираат вештачката кожа да биде воведена до 2022 година. Не се исклучува можноста, во иднина, вештачката кожа да биде достапна и без рецепт.

Овие наоди беа објавени во онлајн медицинското списние „Wound Repair and Regeneration“.

Поддржете ја нашата работа: