Научниците објавија дека ќе создаваат вештачки човечки геном

Интернационална група на научници објави план за создавање на вештачки човечки геном во наредните 10 години што ќе го тестира на човечки клетки.

Ова практично значи дека ќе се обидат да напишат потполно нов ДНК код за човечки живот – почнувајќи од нула.

Овој амбициозен потфат наречен „Human Genome Project-write“ (или Проект за напишан човечки геном) би требало да послужи за да се разберат човечките болести подобро од кога било порано, како и драстично да се намали цената на генетското секвентирање. Ова е извонредно возбудлив проект за науката, но она што загрижува е фактот дека проектот се започнува без јавноста да биде соодветно консултирана за можните етички проблеми.

Гласините за новиот проект започнале минатиот месец кога 130 научници се сретнале зад затворени врати на Медицинскиот факултет Харвард за да разговараат за создавање на целосно вештачки човечки геном. Фактот дека на новинарите не им бил дозволен пристап наиде на бура критики, по што 25 од истражувачите ја објавија идејата во списанието „Science“, иако  тоа не ги намали реакциите.

Претставен како неофицијално продолжение на Проектот човечки геном (Human Genome Project), кој официјално заврши во 2004 година и кој резултираше со комплетно мапирање на нашиот генетски код, целта на новиот проект (HGP-write) е да отиде чекор понапред и не само да го прочита нашиот геном, туку и да го создаде.

Се очекува дека ова истражување – ако ништо друго ќе ја намали цената на генетскиот инженеринг и тестирањата за 1000 пати во наредните 10 години, што ќе биде прилично неверојатно, со оглед на тоа дека денес може да се направи секвентирање на целиот геном за нешто помалку од 1000 долари, се истакнува во нацрт-соопштението од истражувачите што го објави „The Washington Post“ (официјално соопштение за печатот сѐ уште нема).

1464895811945

За да го реализираат проектот научниците велат дека ќе се обидат да соберат 100 милиони долари од приватни и јавни фондови во следните 10 години и ќе соработуваат со меѓународни групи.

Сепак, иако досега научниците успеаа да направат вештачки геном за бактерија, да се „напише“ комплетен човечки ДНК код ќе биде неспоредливо потешко.

Добрата вест е дека од овој неверојатно амбициозен проект може да се научи многу за нашата биологија и болестите, но, според некои и да ги доближи научниците уште еден чекор поблиску до создавање на „дизајнирани бебиња“. Постои загриженост дека ваквиот вид на истражувања можат да не научат многу за тоа како да создаваме луѓе кои се отпорни на болести, или се неверојатно силни или интелигентни. Иако практично не е воопшто едноставно да се програмираат карактеристиките што ги посакуваме, после овој проект, дефинитивно ќе бидеме многу поблиску до тоа.

Сепак, за да биде потполно јасно, истражувачите уверуваат дека ова ни приближно не е намерата на овој проект. Тие тврдат дека проектот ќе заврши во лабораторија и дека немаат намера да одржат живи ниедни од овие клетки од човечки геном.

Но, критичарите велат дека предлогот што е изнесен во „Science“, вистински не се справува со етичките прашања што произлегуваат од ова. Иако научниците изјавуваат дека тие „ќе овозможат широка јавна расправа за „HGP-write“, тие во суштина не нагласуваат за кои точно прашања ќе се дискутира.

Постојат насоки што се однесуваат на истражувањата поврзани со матичните клетки кои научниците ќе ги применуваат и во овој проект, сепак, бидејќи се работи за нов потфат, истражувачите ќе имаат обврска да креираат и многу нови правила.

„Пред да се започне ваков монументален проект, на некои прашања мора да се одговори, меѓу кои и на тоа дали ова воопшто треба да се прави. Авторите не даваат одговори на основните прашања, всушност, во својот предлог тие не одговараат на ниедно прашање“- вели за „MIT Technology Review“, биоинжинерот Дру Енди од Универзитетот Стенфорд.

Но, и покрај етичкиот момент, неоспорна вистина е дека од овој проект веројатно ќе имаме корист сите ние како и нашите деца, на начин што е тешко дури и да се замисли.  

a4a98f8148133b8367e54b1433c437b6

„Ова претставува храбра цел како што беше и првиот проект за човечкиот геном и авторите на извештајот признаваат дека нивната нова цел ќе се соочи со слични контраверзи како и  оригиналниот проект. Но, сега е веќе добро прифатено дека тој проект отвори реални можности за нови медицински третмани на генетските заболувања и ракот од кои ќе имаме корист во децениите што доаѓаат“- вели за „ Genetic Expert News“, експертот за синтетичка биологија Џон Вард од Универзитетскиот колеџ Лондон.

Ваков амбициозен проект е несомнено многу возбудлив, но колку и да сакаме да видиме голем напредок во науката, проекти како овој е неопходно да бидат пропратени со соодветно ниво на дискусија околу етичкиот момент на ваков потфат, бидејќи без искрена и транспарентна дискусија јавноста никогаш нема да поверува што всушност се случува.

Во свет полн со дезинформации, противници на вакцините, луѓе кои ги негираат климатските промени, последна работа што ни е потребна е да им се даде причина на луѓето да бидат загрижени и за науката.

Ако се прави, нека се направи како што треба.

Поддржете ја нашата работа: