Археолозите во Казахстан неодамна откриле мавзолеј во облик на пирамида, стар над 3.000 години, што го прави постар и од некои од пирамидите во Египет.
Ова значајно откритие е направено во регионот Сара-Арка, во близина на градот Караганда и според археолозите, веројатно е изграден за некој антички крал или лидер на клан, пишува „Yahoo News“.
Археолошкиот тим, предводен од Игор Кукушкин од Државниот Универзитет Караганда, сѐ уште работи на ископување на локалитетот, но барем засега се чини дека бил изграден за слична намена како и египетските пирамиди, бидејќи археолозите наишле на мавзолејот во внатешноста на структурата.
Тие велат дека мавзолејот е висок околу 2 метри и долг 15 на 14 метри, што е прилично малку за пирамида.
Направен е од од камен и земја, а зацврстен со плочи од надворешната страна.
И структурата на пирамидата е исто така уникатна. Наместо да завршува во една точка, како Големата пирамида во Гиза, оваа градба се состои од шест скалети слоеви кои завршуваат со рамна површина, со што по облик повеќе наликува на скалест правоаголник отколку на вистинска пирамида.
Археолозите откриле дека гробницата во внатрешноста на пирамидата е најверојатно одамна ограбена, а останати се само керамика, нож и неколку брозени предмети. Сѐ уште нема најави дали таму биле погребани човечки тела.
Според првичните показатели, пирамидата била изградена пред повеќе од 3.000 години, некаде на крајот на бронзаното доба. Но, и покрај тврдењата од некои медиуми, оваа не е најстарата пирамида што е досега откриена.
Џосеровата пирамида во Сакара, Египет била изградена 1.000 години претходно, помеѓу 2667 и 2648 година п.н.е, а Големата пирамида во Гиза, 100 години подоцна, што значи дека и таа е постара од новооткриената пирамида во Казахстан. Сепак, ќе треба уште време пред да можат археолозите да кажат точно кога е изградена.
Но, и покрај тоа, ова откритие е многу значајно, бидејќи веројатно ќе открие повеќе детали за Бегази- Дандибаевската култура која живеела во централен Казахстан.
На истражувачите им е познато дека вакви мавзолеи биле резервирани за луѓе со висок општествен статус – како кралеви или водачи на кланови, но освен тоа, се останато за оваа кулура и натаму останува мистерија.
Археолозите уште работат на ископување на локалитетот и нивниот труд сѐ уште не е објавен во рецензирано списание, така што целосните наоди допрва се очекуваат.